Elena Trenchevska Chekovikj
03 Јули 2026•Ажурирано: 03 Јули 2026
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, изјави дека Владата останува целосно посветена на исполнувањето на обврските кон НАТО и на натамошното јакнење на капацитетите на Армијата, нагласувајќи дека инвестициите во одбраната се меѓу владините приоритети, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Владата на РСМ, на настанот по повод примопредавањето на опрема донирана од Европската Унија, Мицкоски упатил благодарност до Европската Унија и до амбасадорот за поддршката, оценувајќи дека донацијата претставува признание за квалитетот и посветеноста на македонската Армија како дел од НАТО.
„Европската Унија препознава квалитет и посветеност во македонската Армија, која е составен дел од НАТО-алијансата“, рече Мицкоски.
Тој им се заблагодари и на Министерството за одбрана, на министерот Владо Мисајловски, на неговиот заменик, како и на припадниците на Генералштабот и на Армијата за нивната професионалност и ангажман.
„Најголема благодарност до војниците, кои сето она што денес го видовте го извршија беспрекорно“, истакна премиерот.
Осврнувајќи се на одбранбените инвестиции, Мицкоски потсети дека неодамна во земјата престојувал врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа, генерал Алексус Гринкевич, кој, како што рече, позитивно ги оценил инфраструктурните проекти и вложувањата на Северна Македонија во одбраната.
Според Мицкоски, издвојувањата за одбраната достигнуваат околу четири проценти од бруто-домашниот производ, што, како што оцени, претставува пример за многу земји членки на НАТО.
„Тоа е цел што ќе се обидеме да ја одржиме и во годините што следат. Иако тоа ќе биде предизвик поради растот на бруто-домашниот производ, Владата има приоритет да инвестира во македонската Армија и да ја направи уште поконкурентна“, рече Мицкоски.
Тој порача дека Владата ќе продолжи да вложува во модернизацијата и развојот на Армијата, со цел таа да остане подготвена и целосно усогласена со стандардите на НАТО.