Gordana Simovic
02 Февруари 2019•Ажурирај: 03 Февруари 2019
МОСТАР (АА) - Со положување цвеќе на гробот, а потоа и на Спомен-обележјето во Паркот на Алекса Шантиќ во Мостар, со читањето поезија и евоцирањето сеќавања одбележана е 95. годишнина од смртта на најпознатиот мостарски и босанскохерцеговски поет, јавува Anadolu Agency (AA).
Членовите на СПКД „Просвета“ и љубителите на поезијата на Шантиќ, претходно покрај неговиот гроб положија цвеќе и на гробовите на Светозар Чоровиќ и Осман Џикиќ, и зборуваа за вистинските животни вредности, кои Шантиќ ги истакнуваше со својата работа и дејствување до последниот здив.
Особено е нагласено значењето што во Мостар се одржува и фестивал на деца поети, кој го носи неговото име и ги спојува најмладите генерации од сите краеви на регионот, како што правеше и Алекса Шантиќ.
Организаторот на овогодишната манифестација, Горан Косаниќ, истакна дека Фестивалот на децата поети со името на Шантиќ во Мостар првпат бил одржан пред четири години, многу скромно, а дека сега веќе зазел значајно место во регионот.
На Фестивалот кој се одржува на 1 и 2 февруари учестуваат 30 млади поети, од кои шестмина од Мостар и 24 од земјите на регионот.
„Алекса Шантиќ и со стиховите на девојка од Македонија се врати во Мостар, велам врати, иако не ни замина, но децата во Македонија пишуваат за него. Тој се врати и во стиховите на момче од Крагуевац. Сите тие знаат кој е Алекса и знаат каде е Мостар и како изгледа Мостар“, изјави Косаниќ.
Тој истакна дека најголема вредност е да се гледаат децата од целиот регион колку уживаат во градот на Неретва за време на одржувањето на Фестивалот и создаваат нови пријателства.
Стефанија Кимовска од Македонија вели дека многу ѝ значи доаѓањето во Мостар, градот на поетот Алекса Шантиќ.
Алекса Николиќ од Крагуевац со поезијата на мостарскиот поет се сретнал во раното детство.
„Кога бев мал, пред спиење ми читаа разни песни, а баба ми особено го сакаше Алекса Шантиќ и постојано ми читаше негови стихови. Најмногу ја сакаше „Мојата татковина“, а јас преку таа песна дознав за Алекса Шантиќ“, изјави младиот поет од Крагуевац.
Пред четири години бил во Мостар по првпат и како најмлад учесник добил плакета што многу му значи, како и секое доаѓање во градот на Шантиќ.
Членот на овогодишната манифестација на децата поети, Божидар Кијац, кој шеста година по ред е во жирито на Фестивалот, истакна дека оваа година биле примени најмногу трудови досега.
„Имаше над 1.500 автори и беше многу тешко да се одбере. Така оваа година ги класифициравме од прво до четврто одделение и од петто до деветто, како и 20 наградени финалисти“, појасни Кијац.