Sanja Janaçkoviç
08 Мај 2023•Ажурирај: 09 Мај 2023
НИШ (АА) – Учениците во сите 1.800 училишта во Србија денес, покрај наставниците, ги пречекаа и двајца полицајци. Засиленото полициско присуство во училиштата е една од државните мерки донесени по масовното убиство во белградското Основно училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај. Учениците од нишкото училиште „Његош“, кое го посети екипата на Анадолу, не ги вознемирува присуството на полицијата, а на родителите и на вработените, како што велат, им влева сигурност.
Полицајците ќе дежураат во текот на целиот училиштен ден во двете смени.
„Од денес двајца полицајци дежураат цело време. Доаѓаат пред осум часот и остануваат до крајот на попладневната смена“, рече директорот на ОУ „Његош“, Бојан Крстиќ.
До денес училиштето го посетувал еден полицаец, кој е и член на Тимот за заштита од дискриминација, насилство, злоупотреба и занемарување.
„Секојдневно доаѓаше еден училиштен полицаец, наутро околу големиот одмор. Го проверуваше училиштето, дали има материјална штета во дворот, дали нешто се случило во училиштето итн. Во добра соработка сме со полицијата, а овој немил настан тоа малку го зголеми, сега времето што го поминуваат на училиште е подолго“, рече Крстиќ.
Нема информации до кога ќе траат зајакнатите безбедносни мерки во училиштата.
„Ние сме во постојан контакт со нашата училишна управа, а таа со Министерството за образование, така што ги следиме нивните упатства и препораки“, истакна директорот Крстиќ.
Родителите чувствуваат поголема сигурност поради присуството на полицијата во училиштата. Доколку и сами имаат предлози за зголемување на безбедноста на децата можат да ги изнесат на Советот на родители.
„За вечерва закажавме Совет на родители со по еден член од секое одделение. Ќе им пренесеме што презема училиштето, а сакаме да го слушнеме и гласот на родителите за да има интеракција училиште - родители – Министерство и за сите заедно да го преземеме она што е најдобро и најквалитетно во интерес на нашите деца“, додава Крстиќ.
Како што истакна, од родителите и вработените досега добивале различни предлози.
„Оние што се плашат се за тоа да не се оди на училиште одредено време. Има и такви што бараат виновници и мислат дека проблемот ќе се реши со нечија смена или некој сеопшт бунт, но и такви од кои очекуваме конструктивно решение. Јас сум на мислење дека како општество генерално потфрливме, уште од деведесеттите години на минатиот век, воените години, кога се размислувањето на тема воспитување на децата некако се запостави, па и сега кога на интернет и во медиумите се достапни разни штетни содржини“, вели Крстиќ.
Да потсетиме, еден ден по масовното убиство во училиштето во кое ученик од седмо одделение уби осум ученици и припадник на обезбедувањето, во селата кај Смедерево и Младеновац дваесет и едногодишен уби осум лица.
Поради овие случувања зголемено е присуството на полицијата на сите јавни места, во трговските центри, во парковите, на плоштадите...
Една од државните мерки е и акцијата за предавање на оружјето. Од денес до 8 јуни граѓаните ќе треба да ѝ го предадат нерегистрираното оружје на полицијата, што ќе може да го сторат без последици, кривична одговорност и докажување на потеклото на оружјето, по што, најавуваат, следуваат остри казни.
Министерот за образование, Бранко Ружиќ, вчера поднесе оставка.