Almir Terzic
23 Јануари 2025•Ажурирај: 24 Јануари 2025
ЉУБЉАНА (АА) - Комисијата за надворешна политика на словенечкиот Парламент ја поздрави одлуката на Владата дека Словенија целосно ќе ја почитува одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за потерниците за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и за лидерот на вооруженото крило на Хамас, Мухамед Деиф, јавува Анадолу.
Комисијата за надворешна политика го поздрави договорот за прекин на огнот и ослободување затвореници помеѓу Израел и Хамас.
Комисијата, исто така, му предложи на Министерството за надворешни работи на Словенија да ги испита и зајакне можностите за дипломатски притисок врз Израел во рамките на суверените овластувања на Словенија и ЕУ со цел траен прекин на воените судири и обезбедување хуманитарна помош за населението на Газа.
Од нивна страна е сугерирано до Министерството за животна средина и Владата да продолжат со напорите за заштита на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА).
На седницата, Комисијата за надворешна политика ги повика Министерството за надворешни работи и Министерството за економија да ја испитаат можноста за забрана на трговија на Словенија со илегалните израелски населби на окупираниот Западен Брег.
Со оглед на ситуацијата на Блискиот Исток, пратениците од коалицијата му предложија на Министерството за надворешни и европски работи и Министерството за економија, туризам и спорт да ја испитаат можноста за воведување контроли на економските активности и забрана за трговија меѓу Словенија и нелегалните населби на Западниот Брег.
Словенечкото Министерство за надворешни работи треба да се заложи за единствен пристап на Европската Унија за можни промени во постапувањето со барањата за азил на Сиријците по падот на режимот на Асад, заклучи Комисијата за надворешна политика на словенечкиот Државен збор (Парламент) на денешната седница во Љубљана.