Abdula Berısha
20 Јануари 2020•Ажурирај: 21 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, на прес-конференцијата одржана денеска, порача дека нема да толерира паралелни структури во рамките на Министерството за внатрешни работи (МВР), јавува Агенција Анадолија (AA).
Таа потсети дека преодната Влада избрана на 3 јануари има две клучни задачи - имплементација на реформските планови и активности за евроатлантските интеграции и создавање услови за организирање на фер и демократски избори.
„Ова е период во кој граѓаните со право очекуваат редовно работење на сите институции, но очекуваат и напредок на нашата држава и нејзино членство во НАТО и ЕУ. Токму затоа, претстојните избори се од исклучително значење за сите граѓани на нашата држава, без разлика на нивната партиска или етничка припадност“, изјави Петровска.
Таа исто така рече дека ова е период кој носи дополнителна одговорност врз сите членови на извршната власт, додавајќи дека треба да се почитува хиерархијата во МВР. Петровска, исто така рече дека МВР не смее да биде злоупотребено од ниту една политичка партија.
„Во интерес на граѓаните подготвена сум на соработка, но исто така, во нивен интерес, подготвена сум на решително спротивставување на секој обид за создавање паралелни структури и рушење на принципот на хиерархија и погазување на законите“, рече Петровска, додавајќи дека граѓаните не смеат да бидат жртви на опструкции, блокади или притисоци.
Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се планирани за 12 април, а според Законот за Влада, најмалку 100 дена пред изборите, односно на 3 јануари, премиерот си поднесе оставка и Оливер Спасовски, како мандатар предложен од власта, дојде на чело на техничката Влада.
Според Законот, исто така се предвидени и други измени во извршната власт. Министерството за внатрешни работи е предводено од Наќе Чулев, предложен од опозицијата, додека Славјанка Петровска е назначена за дополнителна заменик-министерка.