Zülfiya Yakup
02 Декември 2019•Ажурирај: 02 Декември 2019
ПРИШТИНА (АА) - Специјалното обвинителство на Косово во Специјалниот отсек на Основниот суд во Приштина денес подигна обвинение против шест лица за случајот со убиството на Оливер Ивановиќ на 16 јануари 2017 година во Северна Митровица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Подигнато е обвинение, според соопштението на Специјалното обвинителство на Косово, против шест лица со иницијали Н.С., М.Р., С.А., Д.М., З.Ј. и Р.Б. за кривични дела „Учество или организирање криминална група“, „Злоупотреба на службената положба или овластување“, „Помош во извршување кривично дело тешко убиство“, „Неовластено поседување, контрола или поседување оружје“, „Откривање службена тајна“, „Злоупотреба на службената должност на коизвршителот“ и „Манипулација со доказите на коизвршителите“.
Специјалното јавно обвинителство соопштува дека обвинетите Н.С., М.Р. и Р.Б., кои се во притвор, како и М.Р., З.В. и З.Б., кои се во бегство, против кои надлежниот суд издаде меѓународни налози и потерници на барање на Специјалното обвинителство, дејствувале како криминална група со организирана структура и хиерархија и со формално дефинирани улоги.
„Оваа криминална група не е формирана случајно, туку работи од 2011 година, а ја водат обвинетиот З.В. и М.Р., кои се во бегство, во која сите овие обвинети дејствуваат континуирано и во соучесништво, свесно и со знаење за целта на активностите на групата за организиран криминал или намерите на групата да изврши едно или повеќе кривични дела“, се вели во соопштението.
Понатаму, се истакнува дека обвинетите активно учествувале во криминалните активности на групата, знаејќи дека таквото учество би придонело за спроведување криминални активности на групата и за директна или индиректна финансиска или друга материјална придобивка, со цел проширување на контролата на претпријатието на територијата и политиките на контролата во северниот дел на Митровица.
Од Специјалното обвинителство се наведени низа детали, со кои се поткрепува обвинението. Исто така е соопштено дека до подигнувањето на ова обвинение се преземени голем број процесно-истражни работи, и дека се сослушани околу 100 сведоци, од кои триесет од нив се сослушани од обвинителот на предметот, а останатите од истражителите на случајот. Обвинетите беа сослушувани повеќе пати, додека против двајцата обвинети М.М. и Ж.Б., кои се во бегство, исто така е отворена истрага.
„Досието за случајот покажува дека водачите на организираниот криминал кои работат во северниот дел на Косово имаат влијание врз косовската полиција, општините и јавните претпријатија во тој дел“, се вели во извештајот.