Admir Fazlagic
02 Декември 2016•Ажурирај: 03 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, во чии рамки оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, а се одржаа и пленарни разговори меѓу делегациите. Двајцата министри по средбата одржаа заедничка прес-конференција на која истакнаа дека се потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Унгарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, рече дека со својот унгарски колега Сијарто разговарле за повеќе прашања коишто се од значење за двете земји, за билатералните односи и за постојаната поддршка што Унгарија ѝ ја дава на Македонија за членството во НАТО и во ЕУ.
На средбата, според Попоски, се дискутирало и за евроатланските и интеграциските процеси на Македонија, бегалската криза како и за предизвиците со кои се соочува Европа денес.
„Во доменот на билатералната соработка констатиравме дека имаме одлични односи на политичко ниво, работиме на засилување на економската соработка. Во овој дел значаен е фактот дека имаме позитивен развој во овој правец и се зголемува трговската врска меѓу двете земји. Токму министерот Сијарто во име на унгарската Влада ја отвори првата унгарска трговска куќа во Макеоднија, која беше и прва трговска куќа во регионот. Добра вест е тоа што констатиравме дека е заокружен процесот на преговарање за првата авионска линија меѓу Будимпешта и Скопје од следната пролет, што ќе даде позитивен импулс за бизнисот и туризмот“, рече Попоски, кој додаде дека во делот на ЕУ и НАТО, тој се заблагодарил во име на Македонија за константната поддршка што Унгарија ѝ ја дава на нашата земја.
Меѓу другото, министерот Попоски информираше дека со унгарскиот министер за надворешни работи разговарале и за мигрантската криза.
„Во делот на мигрантската криза, мислам дека Унгарија беше мошне активен поддржувач за справување со овој предизвик. Се заблагодарив за фактот што во континуитет имаме присуство на унгарски полициски офицери во Македонија, кои ни помагаат во обезбедувањето на јужната граница“, рече министерот Попоски и додаде дека била истакната согласноста оти заедно, со засилена соработка ќе се соочат со овој предизвик, кој е предизвик и за целата ЕУ.
Од друга страна, министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, рече дека Унгарија е вистински пријател на Македонија и дека оваа земја го докажала тоа во повеќе наврати. Тој истакна дека Унгарија ја поддржува Македонија во нејзините европски и евроатлански интеграции и го изнесе ставот дека Македонија веќе требаше да биде членка на НАТО и да ги има започнато преговорите со ЕУ.
„Ние сме земја којашто е соседна на регионот на Западен Балкан и знаеме многу добро каква е разликата кога имаме тензии во Западен Балкан и кога има мир и просперитет. Најбрзиот и најдобриот начин за мир, стабилност и просперитет е европската и евроатланската интеграција. Македонија дава значаен придонес кон нашите НАТО активности и е една од најзначајните учесници од земјите што не се членки на НАТО. НАТО ова треба многу повеќе да го почитува“, рече Сијарто.
„Што се однесува до ЕУ, минатата година имавме чудна ситуација, кога очекувавме од земја што не е членка на ЕУ да ја обезбеди Шенгенската зона од бегалците што влегуваат во ЕУ, доаѓајќи од земја-членка на ЕУ, и потоа минуваат низ земји што не се членки на ЕУ, а од друга страна, ЕУ не е подготвена да почне преговори за членство со Македонија. Тоа не е прифатливо“, истакна унгарскиот министер за надворешни работи.
- „Доколку повторно дојде до прилив на бегалци, Македонија ќе биде прва земја на која ќе се потпреме"
Осврнувајќи се во делот за бегалската и мигантската криза, унгарскиот министер за надворешни работи рече: „Во овој момент се вели дека приливот на бегалци е намален заради договорот на ЕУ и Турција. Морам да кажам дека ова не е целосно вистина, туку делумно е вистина. Другиот дел од вистината е дека приливот на бегалците се намали затоа што земјите од западен Балкан донесоа одлука да ги контролираат сопствените граници и да направат нешто. Подобро е да знаете дека некој работи нешто, наместо да се надевате дека некој ќе стори нешто. Ние требаше да направиме сѐ, да го искористиме моментумот што се создаде со потпишувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција за да се заштитиме самите од себе. Во моментот, како најјужна земја, ние се потпираме врз Македонија. Ако се случи нешто лошо и ако повторно почне приливот на бегалци, тогаш првата земја на која можеме да се потпреме е Македонија, којашто ќе ја заштити својата јужна граница“, рече Сијарто и додаде дека Унгарија ќе продолжи и понатаму да ја поддржува Македонија во справувањето со бегалската криза.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со поддршката што ЕУ им ја дава на земјите што работат на справувањето со бегалската криза, тој одговори:
„Европската Унија треба поцврсто да ги поддржува земјите што носат голем дел од товарот, прво земјите околу Сирија, не само Турција, туку и Јордан, Либан, курдскиот регион од Ирак“, кажувајќи дека е легитимо барањето на Македонија да прими поголема финансиска помош од ЕУ бидејќи Македонија ја штити ЕУ и носи товар од бегалската криза.