Ivana Ramadanova
16 Декември 2016•Ажурирај: 17 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) денеска ја продолжи јавната седница, на која одлучува по поднесените приговори на СДСМ и БЕСА за текот на гласањето и броењето на гласовите од предвремените парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Во текот на денешниот ден, ДИК продложи со разгледување на останатите четири приговори на коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз. Пред официјалниот почеток на јавната седница, официјалниот претставник на СДСМ повлече два приговори, кои се однесуваат за изборната единица шест во Тетово.
Во меѓувреме по разгледување на еден од отворените приговори на СДСМ кој се однесуваше на недостаток на изборачко ливче, Државната изборна комисија го отфрли, притоа гласајќи против да се отвори гласачкиот материјал за повторно пребројување на гласачките ливчиња.
Во врска со последниот, осми приговoр на партијата БЕСА кој се однесуваше на гласањето во шестата изборна единица во Гостивар, Државната изборна комисија со 6 гласа за и 3 против гласаше за негово усвојување. Приговорот се однесува за граѓанин кој не можеше да си го оствари своето избирачко право.
Според Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, вештачењето на графологот кој го проверуваше потписот на Фатиме Сулејмани, гласач од Гостивар, утврдил дека потписот не бил нејзин, односно дека некој друг гласал во нејзино име.
Од ДИК соопштија во врска со овој случај последиците ќе си ги сносат членовите на Избирачкиот одбор.
Во однос на приговорите поднесени од страна на коалицијата предводена од СДСМ, до сега, ДИК одби пет од вкупно осум приговори, а два повлече самата партијата.
Државната изборна комисија поради безбедносни причини ја одложи седницата за утре каде на која ќе одлучуваат за последниот приговор поднесен од СДСМ.
И денеска продолжи собирот на стотици граѓани, поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, пред зградата на ДИК кои бараат од оваа инсттитуција да го прогласи победникот на изборите.
Поради студеното време собраните граѓани запалија огревно дрво и останаа до вечерните часови, порачувајќи дека и утре ќе дојдат пред зградата на ДИК.