Dzihat Aliju
24 Август 2026•Ажурирано: 24 Август 2026
Во Основниот кривичен суд Скопје почна судењето против поранешниот вицепремиер Артан Груби и седум други лица за злоупотреби во АД „Државна лотарија“, јавува Анадолу.
Судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски, додека обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски. Обвинителите најавија изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сведочења на седум сведоци.
Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август годинава поднесе обвинителен предлог против Груби и седум други лица, кои во текот на 2023 и 2024 година, според обвинението, заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле своите овластувања и должности, со намера да ѝ нанесат штета на Државна лотарија на Република Северна Македонија во износ од 507.632.173 денари (околу 8 милиони евра).
Сите обвинети се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањата, за што е предвидена затворска казна до пет години.
Првообвинетиот, поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, е недостапен за органите на прогонот и е во бегство.
За второобвинетиот Артан Груби е предложено продолжување на претходно определената мерка куќен притвор, заедно со мерките на претпазливост.
Груби беше лишен од слобода на Граничниот премин „Блаце“ меѓу Северна Македонија и Косово во февруари годинава, а потоа му беше определен куќен притвор.
Тој се бараше со меѓународна потерница од декември 2024 година.