Furkan Abdula
27 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, во рамки на посетата на Северна Македонија се состана со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, на состанокот заеднички биле потврдени традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои бележат унапредување, што го покажува растот на трговскиот обем во 2021 година, како и тоа што турски компании се меѓу најголемите инвеститори во земјава.
„Оценето е дека државава се грижи за сите граѓани подеднакво, дека Северна Македонија е пример како граѓани од различни култури, вери и етнички заедници можат да живеат заедно во една држава, во хармонија и дека е тоа значаен придонес во мирот на Балканот“, се вели во соопштението.
Во таа насока, се наведува во соопштението, пренесено е дека Турција ја поддржува Северна Македонија што поскоро да ги почне преговорите со ЕУ, со надеж дека тоа ќе се случи во најскоро време, бидејќи се смета дека евроинтеграциите на нашата држава се од големо значење за стабилноста на регионот, но и пошироко.
„Премиерот Ковачевски се заблагодари за искрената и континуирана поддршка од Република Турција во напредокот на Република Северна Македонија од осамостојувањето на државата до денес“, се додава во соопштението.
Како што се нагласува во соопштението, во однос на прашањето со Бугарија, премиерот Ковачевски потенцира дека решение е можно ако двете страни се посветени на достоинствени разговори базирани на европските вредности и во духот на меѓусебното почитување.
„Во однос на ситуацијата во Украина, претседателот на Владата, Ковачевски, посочи дека нашата држава продолжува со политиките кои се целосно на линија на ЕУ и на НАТО“, се истакнува во ова соопштение.
На средбата е констатирано дека развојот на односите помеѓу Северна Македонија и Турција продолжуваат да се развиваат, на планот на економијата и како држави партнери во рамки на НАТО.