Oktaj Omeragikj
15 Февруари 2025•Ажурирај: 16 Февруари 2025
МИНХЕН (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицоски, денес оствари неколку средби на маргините на Минхенската безбедносна конференција, пренесува Анадолу.
За време на престојот во Германија, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицоски, во рамките на конференција што се одржува во Минхен, се сретна со Кристоф Хојзген, претседавачот на безбедносна конференција. На средбата станало збор за безбедносни предизвици со кои се соочува Европа и регионот, како и за можностите за зајакнување на меѓународната соработка во доменот на безбедноста и стабилноста.
Премиерот Мицоски имаше средба и со премиерот на хрватската влада, Андреј Пленковиќ. Двајцата премиери разговарале за развојот на меѓусебната соработка и поддршка во рамките на проширувањето на Европската Унија и влијанието на безбедноста на Балканот за континуираниот развој на државите од регионот.
Утрово министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со заменик помошникот секретар за одбрана на САД, Дејвид Бејкер на која се разговарало за актуелните политики во поглед на регионалната и глобалната безбедност и за модернизацијата и опремувањето на македонската Армија.
На средбата Бејкер го истакнал македонскиот придонесот во поглед за безбедноста на балканскиот регион и источното крило на НАТО.
Во текот на денешниот ден е предвидено министерот Мисајловски да учествува на работниот ручек на покана на својот германски колега Борис Писториус. Мисајловски на покана на специјалниот пратеник на претседателот на САД за специјални мисии, Ричард Гренел, ќе учествува на сесијата посветена на новите политики на американската администрација.
Минхенската безбедносна конференција е годишна конференција на која учествуваат лидери и носители на одлуки од целиот свет, на која се водат дебати за прашања што се однесуваат на меѓународната безбедносна политика. Целта на безбедносната конференција е воспоставување дијалог и градење доверба со цел мирно решавање на конфликтите.