AA
08 Октомври 2022•Ажурирај: 10 Октомври 2022
ПОДГОРИЦА (АА) - Владата на Црна Гора со технички мандат, на предлог на премиерот Дритан Абазовиќ, го смени в.д. директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Саво Кентер, известува Агенција Анадолија (АА).
Разрешувањето на Кентер следуваше по неколку часа откако Дритан Абазовиќ за време на безбедносниот 2BS во Будва, јавно ја поддржа и упати честитки на досегашните активности на АНБ во пресметката со влијанието на Русија во Црна Гора.
Саво Кентер беше избран за директор на АНБ на 5 мај по формирањето на Владата на Дритан Абазовиќ. Владата на Абазовиќ падна по нешто повеќе од 100 дена, на 20 август, и делува во таканаречен технички мандат до изборот на нова.
Кентер е разрешен од должноста без претходна најава, на седницата на Владата свикана по електронски пат.
Во првата реакција на веста за неговото разрешување, досегашниот директор на АНБ, Саво Кентер, рече дека клучно прашање е кој го разрешил, односно кому не му оделе во полза акциите што АНБ ги спроведувала во последните неколку месеци.
„Ако има најголема операција за обелоденување на руската мрежа на шпиони, 35 протерани од Црна Гора, идентификувани агенти на ГРУ (GRU) во Црна Гора - и ако по сето тоа некој рече дека не работиме добро и притоа не наведе ниту една причина, туку ве менуваат, тогаш сѐ е јасно“, рече Кентер за време на панел на Форумот 2BS.
Наведувајќи дека ќе биде формирана нова служба во Црна Гора, Кентер продолжи со зборовите:
„Немој некој да мисли дека Русија, Србија или кој било друг што не ѝ мисли добро на оваа земја и кого ние не сакаме да го видиме како дел од западниот свет, ќе може долгорочно да ги пушти своите пипки во Црна Гора и дека ние ќе им го дозволиме тоа. Нема.“
Специјалниот пратеник на Европската Унија (ЕУ), Мирослав Лајчек, рече дека одлуката на Владата за смена на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) претставува „сериозен потег што Владата го направила“.
„АНБ е клучна институција за комуникација со НАТО и со досегашното дејствување господинот Кентер е високо ценет во Брисел и во западните престолнини. Не се сомневам дека оваа одлука предизвикала бројни прашања во западните престолнини и верувам дека Владата ќе има кредибилни одговори“, рече Лајчек за подгоричката телевизија „Вести“.
Наведувајќи дека САД не ја коментираат одлуката на Владата на Црна Гора, амбасадорката во Подгорица, Џуди Рајзинг Рајнке, изјави дека во последните недели забележале „некои значајни чекори во АНБ да ѝ ускрати на Русија упориште во Црна Гора“.
Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ оцени дека Абазовиќ го сменил Кентер поради паничниот страв дека истрагата на АНБ „ги потврдила врските на премиерот со руските служби и шверцот со цигари“.
Потпретседателот на Владата, Рашко Коњевиќ, укажа на фактот дека премиерот Абазовиќ предложил разрешување на Кентер по меѓународната акција за сузбивање на руското влијание, што е поздравено од страна на НАТО и поддршката на АНБ околу шверцот со цигари.
Пред Кентер, Абазовиќ го смени потпретседателот на Владата, Рашко Коњевиќ, од местото шеф-координатор на Службата за безбедност.