Поддршката од Националното собрание на Франција е од клучна важност за ратификација на пристапниот договор на Црна Гора со Европската Унија, порача претседателот на црногорската Влада, Милојко Спајиќ, во Париз, јавува Анадолу.
Спајиќ во Националното собрание на Франција се сретна со претседателот на Одборот за европски прашања, Пјер-Александар Англад и со пратениците, истакнувајќи дека е голема чест што има можност да им се обрати на претставниците на францускиот народ, во срцето на Франција, земја чиј глас, историја и вредности ја обликуваат иднината на Европa.
Обраќајќи им се на парламентарците на француски јазик, Спајиќ истакна дека односите меѓу Црна Гора и Франција не се само пријателски туку стратегиски, засновани врз меѓусебна доверба, континуиран политички дијалог и конкретна соработка, која последниве години зајакна во сите области.
„Целосно сум свесен дека проширувањето на Европската Унија предизвикува легитимни прашања - некои изразуваат загриженост поради способноста на Унијата да се шири, а притоа да не ослабне. Други стравуваат од економските трошоци или општествените нерамнотежи. Трети ги истакнуваат прашањата за суверенитетот и безбедноста. Пристапувањето на Црна Гора не е ризик за Европа. Тоа е можност Европа да стане посилна“, порача Спајиќ, додавајќи дека Црна Гора е фактор на стабилност на Западен Балкан.
Претседателот на Одборот за европски прашања, Пјер-Александар Англад, истакна дека Црна Гора е земја што најбрзо напредува во процесот на пристапување во ЕУ.
„Вашата одлучност носи резултати и брзо напредувате, а показател за тоа е пишувањето на Договорот за пристапување. Ги поздравуваме вашите напори и резултатите што ги остваривте во мандатот на оваа Влада“, истакна Англад.
Спајиќ истакна дека црногорското општество е мултиетничко, мултирелигиозно и засновано врз култура на дијалог и компромис и во целост ги споделува европските вредности.
„Во текот на 14-годишните преговори спроведовме длабоки реформи: зајакнување на владеењето на правото, зајакнување на институциите, борба против корупцијата и одговорно управување со јавните финансии. Тие реформи не ги спроведуваме за да ги задоволиме техничките критериуми, ги спроведуваме затоа што се правилни за нашите граѓани и неопходни за Европа“, рече претседателот на црногорската Влада.
За време на обраќањето Спајиќ истакна дека Црна Гора е веќе доверлив партнер во областа на безбедноста и, како членка на НАТО, усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, придонесува за стабилноста на континентот во геополитички контекст одбележан со војната во Украина и порастот на хибридните закани.
Тој истакна дека амбицијата на Црна Гора е да стане одговорна членка, која ги почитува правилата, дека е посветена на вистинска економска и социјална конвергенција.
„Нашата интеграција нема да биде товар, туку придонес кон просторот на заеднички просперитет.“
Спајиќ рече дека Црна Гора претставува уникатен случај - најнапредна држава кандидат, доследно посветена на европскиот пат, без чекање на геополитички околности, подготвена да ги заврши преговорите во блиска иднина.
„Нашиот успех би бил и успех на кредибилитетот на Европската Унија. Пристапувањето на Црна Гора ќе има влијание што ги надминува нашите граници. Ќе прати јасна порака до целиот регион на Западен Балкан: реформите засновани врз мериторен принцип носат конкретни резултати. Ќе ја зајакне регионалната стабилност и ќе ги ограничи надворешните влијанија што не ги споделуваат европските вредности“, наведе претседателот на Владата на Црна Гора.
Како што порача, процесот на проширување не зависи само од државите кандидати, туку и од политичката волја на државите членки.
„По повеќе од една деценија напори влегуваме во одлучувачка фаза. Поддршката од Франција и од вашето Собрание ќе биде од клучна важност за ратификација на пристапниот договор. Црна Гора не бара привилегија. Таа бара праведно признавање на своите напори. Сакаме да пристапиме во Европската Унија не како пасивен корисник, туку како активен партнер, подготвен да придонесе за посилна, посуверена и пообединета Европа“, заклучи Спајиќ.
Пратениците од различни политички групации се интересираа за усогласеноста на надворешната и безбедносната политика на Црна Гора и ЕУ, регионалната стабилност, надворешните влијанија, но и за диверзификацијата на економијата, пазарот на труд и можностите што членството на Црна Гора во ЕУ ќе им ги донесе на младите.
Тие порачаа дека Црна Гора целосно може да смета на поддршката од Франција на патот на европската интеграција.
Во Париз вчера Спајиќ се сретна и со претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој порача дека Црна Гора може да смета на целосна политичка поддршка од Франција во завршницата на преговорите со Европската Унија.
Макрон ги пофали реформските резултати на Црна Гора и оцени дека земјата „извршува голема работа“, истакнувајќи дека нејзиниот напредок претставува охрабрување за другите држави кандидати за членство во ЕУ.
„Успехот на Црна Гора им дава надеж на другите и покажува дека проширувањето на Европската Унија е можно“, порача Макрон.
За време на состанокот беа потврдени блиските и пријателски односи меѓу двете земји, со нагласок на зајакнување на политичката, економската и стратегиска соработка, како и на силната експертска поддршка од Франција во завршната фаза од процесот за пристапување.
news_share_descriptionsubscription_contact
