Kemal Zorlak
23 Ноември 2026•Ажурирано: 23 Ноември 2026
Белградските таксисти се собраа на платото пред Собранието на Град Белград, на повик на Здружението на такси-претприемачи на Белград (СИТАБ), пренесува Анадолу.
Повод за протестот е дополнителното внесување точка на дневниот ред на претстојната седница на градското Собрание и предложените измени на Одлуката за такси-превоз.
Од СИТАБ предупредуваат дека со овие измени се прави обид за дополнително легализирање на постојната состојба и создавање уште поголемо беззаконие. Притоа, ги наведуваат податоците на Министерството за внатрешни работи според кои во моментов како трговски друштва се регистрирани повеќе од 800 возила, со што е надминат градскиот лимит од најмногу 640 возила (10 проценти од вкупниот број), објави „Блиц“.
Такси-комората „Статус“, заедно со здруженијата „Пинк такси“, „Вук“, „ОК такси“ и други потписници од редовите на такси-претприемачите, денес соопшти дека не го поддржува штрајкот што го организира СИТАБ, оценувајќи дека барањата изнесени во повикот за протест не се оправдани ниту се засноваат врз вистинити факти.
Во заедничкото соопштение се наведува дека сите правни лица мора да имаат еднаков пристап до пазарот при вршењето такси-дејност, во согласност со законот, досегашната практика и одлуките на Уставниот суд.
Четирите клучни барања на таксистите од денешниот протест се итно повлекување на спорните измени на Одлуката за такси-превоз од дневниот ред на седницата на градското Собрание, преиспитување на сите такси-лиценци и дозволи за возила доделени на правни лица во изминатите пет години, проверка дали тие компании и нивните возачи ги исполнуваат законските услови, како и поништување на сите дозволи издадени спротивно на законот.
Секретаријатот за јавен превоз на Град Белград денес соопшти дека измените на Одлуката за такси-превоз, кои се на дневен ред на седницата на Собранието на Град Белград, се подготвени со цел усогласување со Уставот на Србија.