Abdulbesar Ademi
01 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Сервисот на албански јазик на Агенцијата Анадолија (АА) денеска ја одбележува шестата годишнина од почетокот на објавувањето вести на албански јазик.
Пред шест години, на 1 октомври 2014 година, АА започна да објавува вести на албански јазик, додека на 9 ноември 2015 година ги отвори канцелариите во Скопје, каде што денес функционира заедно со Сервисот на македонски јазик.
Во текот на шест години активно објавување на вести на албански јазик од целиот свет, проследено со фото и видеосодржини, Сервисот на АА на албански јазик доби активна димензија и се доближи до медиумите на албанскиот простор, вклучувајќи и читатели од овој регион и пошироко.
За време на пандемијата на новиот коронавирус (Ковид-19), Сервисот на АА на албански јазик продолжи да работи со ист интензитет, споделувајќи ѝ ги на јавноста најновите случувања од регионот и светот за време на пандемската криза, истовремено покривајќи ги медиумските активности врз основа на препораките на властите за почитување на правилата против ширење на вирусот.
Со своето присуство во регионот, Сервисот на АА на албански јазик, за време на своето шестгодишно постоење брои над 104 илјади вести објавени од Балканот, Турција и светот, од кои над 45 илјади содржат галерии со фотографии, а над 24 илјади содржат видеоматеријали.
Инаку, албанскиот јазик беше осми по ред лансиран во оваа медиумска институција. Покрај турскиот, албанскиот и македонскиот, АА објавува вести на англиски, арапски, БХС (босански, хрватски и српски), руски, француски, курдски (сорани и курманџи дијалекти), персиски, индонезиски и шпански.
Секој ден од канцеларијата на АА во Скопје, на претплатниците и читателите им се нудат над 120 објави, вклучувајќи вести, фото и видеосодржини.
АА е една од десетте најголеми агенции на светско рангирање, која секој ден на сите 13 јазици надминува 3 илјади објави на вести, фотографии и видеа.