Ekipa
02 Август 2019•Ажурирај: 03 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Република Северна Македонија денес го одбележува 2 Август Илинден - Денот на Републиката, со главна манифестација која традиционално се одржува во Крушево, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се вели во соопштението на Владата, оваа година настаните се организираат под мотото „Сите сме деца на Илинден“.
По повод празникoт Илинден, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со висока владина делегација, присуствуваше во Крушево на чествувањето на празникот.
Од Владата соопштуваат дека делегацијата составена од заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и заменикот министер за култура, Владимир Лазовски положила цвеќе и оддала почит на гробот на Никола Карев, првиот претседател на Крушевската Република.
Како дел од чествувањето на Илинден, претседателот на Република Северна Македонија положи цвеќе во Алејата на великаните во Скопје, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, присуствуваше на чествувањето на Илинден во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.