Admir Fazlagic
26 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на денешната средба упати благодарност на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), Жељко Комшиќ, за неговата посета и искажана почит во однос на одбележувањето на 15. годишнина од трагичниот настан кај Мостар, во кој животот го загуби претседателот на Републиката, Борис Трајковски, пренесува Anadolu Agency (AA).
Одделението за јавно информирање и односи со јавноста на Собранието соопшти дека Џафери изразил задоволство од досегашните одлични пријателски односи меѓу двете земји кои се во постојана нагорна линија и меѓу кои нема отворени прашања и воедно изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина, како на политички, така и на економски план, при што ја искористи можноста да упати покана до своите колеги од Парламентот на БиХ за интензивирање на парламентарната соработка на сите нивоа.
„По успехот со потпишувањето на пристапните протоколи за НАТО, очекувам дека во јуни оваа година имаме голема шанса да добиеме и датум за пристапни преговори со ЕУ“, истакна претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Џафери.
Членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, се заблагодари за средбата со претседателот Џафери, упати честитки за големиот успех кој го постигнавме како држава и истакна дека начинот со кој го постигнавме Договорот со Република Грција, ја става Република Северна Македонија на пиедесталот на земја која е пример кој сите останати земји во регионот и го наведуваат како модел за решавање на отворените прашања.
Тој, исто така, ја потенцираше важноста од зајакнувањето на економската и трговската соработка меѓу двете земји и изрази надеж дека оваа соработка ќе се интензивира во иднина, при што искажа очекување дека за Босна и Херцеговина размената на искуства со нашата земја на планот на интеграциите во ЕУ и НАТО е повеќе од добредојдена.