Andelija Stojkovic
30 Јули 2021•Ажурирај: 02 Август 2021
БЕЛГРАД (АА) - Српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ денеска изјави дека Србија е меѓу првите што набави вакцини против Ковид-19, дека почнала добро, но дека сега „срамно потфрлила“ со обемот на вакцинацијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бевме први во светот, а сега се приближуваме до дното на европската листа“, рече Радовановиќ на прес-конференција.
Тој нагласи дека мами бројката од околу 50 отсто вакцинирани, бидејќи првенствено се сметаат само возрасните лица, а дека за колективен имунитет треба да се брои целото население.
Укажа дека вакцините на база на РНК се многу посупериорни и дека вакцината на кинескиот производител „Синофарм“ има послаб ефект врз повозрасните, така што секој втор е заштитен, и додаде дека ниту една вакцина не е 100 отсто ефикасна, како и тоа дека во септември може да се очекува нов епидемиски бран во Србија.
Радовановиќ рече дека новиот бран нема да има размери како претходните два, но дека е веројатно дека ако не биде зголемен опфатот на вакцинација во следните неколку недели, Србија во август или во првата половина на септември ќе има околу 1.000 новозаразени дневно.
Доцентот на Медицинскиот факултет и имунолог Емина Милошевиќ, рече дека едно лице заразено со сојот Делта може да зарази повеќе луѓе, и за разлика од претходните соеви, може да зарази седум лица.
Истакна дека поради сојот Делта, прагот за колективен имунитет се подигнува.
Професорот Џастин Стебинг изјави дека во Велика Британија вакцините го намалиле бројот на хоспитализации и смртност, но дека колективниот имунитет е многу тешко да се постигне, со оглед на тоа што децата не се вакцинирани.
„Сигурно уште долго ќе живееме со коронавирусот, не верувам дека ќе имаме пандемија“, рече Стебинг, и укажа дека во последните неколку дена бројките во Велика Британија растат.
Тој потсети дека Израел вакцинирал 80 отсто од населението и дека и понатаму го имаат коронавирусот.
Запрашан за вакцинација на децата, Стебинг рече дека вакцинацијата кај децата треба да се дозволи само ако и родителите и децата го сакаат тоа.
На прашањето за „мешањето на вакцините“, односно вакцинација со вакцини од различни производители, тој рече дека студиите покажуваат дека тоа е делотворно, но дека не би препорачал дека луѓето треба да го прават тоа, туку дека можат да го прават.