Zlatan Kapic
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Српскиот министер за правда, Ненад Вујиќ, изјави дека осудениот воен злосторник Ратко Младиќ ќе биде погребан со највисоки државни почести и дека Србија ќе обезбеди транспорт на неговите посмртни останки од Хаг, пренесува Анадолу.
„Очекуваме дека Механизмот во Хаг ќе обезбеди конкретна временска рамка, какви се процедурите и какви чекори треба да се преземат. Ако кажат да дојдеме утре наутро, подготвени сме да бидеме во Хаг и да го преземеме телото на Младиќ“, рече Вујиќ, објавија српските медиуми.
Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, умре вчера во Хаг на 84-годишна возраст. Тој беше осуден на доживотен затвор од Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија за геноцидот во Сребреница и други воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.
Со пресудата од 2017 година Младиќ е прогласен за одговорен за геноцид во Сребреница, прогон, убиства, депортација и присилно преместување на несрпско население, како и за злосторства поврзани со опсадата на Сараево и земањето на припадници на ОН како заложници.
Силите на босанските Срби под негова команда убија повеќе од 8.000 Бошњаци во Сребреница во јули 1995 година, додека над 11.000 луѓе беа убиени за време на опсадата на Сараево, која траеше од 1992 до 1995 година.
Младиќ беше во притворска болница од 2024 година поради неговата сериозна здравствена состојба. Неговите адвокати постојано бараа негово предвремено ослободување, а последното барање беше поднесено на 18 август и одбиено непосредно пред неговата смрт.
Механизмот за меѓународни кривични судови во Хаг, кој го наследи МКТЈ, сега треба да утврди процедури и рокови за предавање на останките на осудениот воен злосторник.