Elena Trenchevska Chekovikj
17 Март 2025•Ажурирај: 18 Март 2025
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Арбен Таравари, денес соопшти дека сите пациенти повредени во вчерашниот пожар што беа во Штип и Кочани се донесени во Скопје и се во стабилна состојба, а 51 пациент се третираат во странски медицински центри, пренесува Анадолу.
Најмалку 59 лица го загубија животот, а околу 155 се повредени во пожар што избувна во дискотека во градот Кочани за време на забавен настан на музичка група, ноќта сабота кон недела.
Таравари рече дека во болниците денес се јавиле уште двајца пациенти што не биле третирани.
„Во координација со Клиниката за психијатрија ќе се формираат тимови од психијатри и психолози што ќе бидат на располагање за психолошка поддршка на семејствата и пациентите“, изјави министерот.
Во однос на пациентите што се упатени во странство, Таравари истакна дека 51 пациент веќе се пратени надвор од државата, од кои девет пациенти се во Туркије (тројца во Истанбул и шест во Анкара), во Бугарија има 14 пациенти од кои осум се во Софија, пет пациенти се во Солун, 17 пациенти во Србија, како и две лица во Будимпешта и четири во Романија.
„Очекуваме во текот на денешниот ден уште четири лица да бидат упатени во Словенија, четири лица во Хрватска и шест лица во Австрија, во Белград 12 пациенти, а во Скопје ќе останат 58 пациенти. Во моментот 20 лица се во критична состојба“, рече Таравари.
Инаку, Владата на Северна Македонија вчера на вонредна седница по трагедијата во Кочани прогласи седумдневна жалост на територијата на целата држава.