Fatjon Cuka
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
Поранешниот премиер на Албанија и претседател на најголемата опозициска партија, Демократска партија (ПД), Сали Бериша, изјави дека тој и членовите на неговото семејство повеќе не се лишени од можноста да патуваат во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Анадолу.
Во објавата на социјалните мрежи денес Бериша нагласи дека вчера била коригирана „неправедната одлука на претходната администрација на САД кон мене и моето семејство“, осврнувајќи се на одлуката од 2021 година со која му беше забранет влез во САД.
„Од вчера, по темелно преиспитување на мојот случај од страна на Стејт департментот, јас и членовите на моето семејство повеќе не сме лишени од можноста да патуваме во Соединетите Американски Држави. По тој повод сакам да им се заблагодарам на администрацијата на претседателот (Доналд) Трамп и на секретарот (Марко) Рубио за коригирањето на оваа неправедна одлука, која беше целосно заснована врз коруптивното лобирање на Еди Рама и неговиот ментор Џорџ Сорос“, изјави Бериша.
Бериша, меѓу другото, ги повика членовите и поддржувачите на Демократската партија „без прекин да продолжат со напорите за враќање на слободното гласање и заслужената иднина на албанските граѓани“.
- Прогласување за непожелна личност за влез во САД -
Да потсетиме дека во мај 2021 година Бериша беше прогласен за непожелна личност за влез во САД.
Тогаш одлуката јавно ја соопшти поранешниот американски државен секретар Ентони Блинкен, кој истакна:
„Коруптивните дејства на поранешниот претседател на Албанија, Сали Бериша, ја поткопаа демократијата во Албанија. Јавно ги прогласувам Бериша и неговото семејство за непожелни за влез во САД.“
Исто така, во јули 2022 година британските власти донесоа одлука да му забранат влез на Бериша во Велика Британија, „поради јасни врски со групи организиран криминал и криминалци и поради корупција“.
Бериша ја извршуваше функцијата претседател на Албанија во периодот 1992-1997 година и функцијата премиер во периодот 2005-2013 година, а бил избран и за пратеник во повеќе парламентарни состави.