Husamedin Gina
16 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вршителот на должноста претседател на Исламската верска заедница (ИВЗ) на Северна Македонија, Шаќир Фетаху, денеска ја одржа првата средба со новинарите по неговото назначување на оваа функција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фетаху истакна дека денешната средба не е само средба што треба да се исполни поради куртоазија, туку напротив, Исламската верска заедница во Северна Македонија искрено ја цени улогата на медиумите во општеството.
„Нашата институција чувствува верска, морална и законска должност да ги почитува правилата на транспарентност и во секој момент и секоја прилика да им овозможи изворни информации на претставниците на медиумите“, нагласи Шаќир Фетаху.
Залагајќи се за потполна транспарентност, како што рече Фетаху, оваа институција секогаш имала и ќе има подеднаков став кон сите медиуми, било тоа да се домашни или странски.
Истакнувајќи дека живееме во едно мултикултурно и мултиетничко општество, Фетаху рече дека тоа е дар од Бога, а не недостаток.
Тој исто така нагласи дека за Исламската верска заедница нема да ги има приоритет јазикот на којшто информира новинарот, ниту пак неговата национална и верска припадност.
„Ние исто така сакаме да се чуе нашиот глас во врска со некоја неправедност, негативен феномен или за процес за којшто мислиме дека му наштетува на нашиот живот во целост“, рече Фетаху.
На новинарското прашање „дали постои новиот вид коронавирус, Ковид-19“, Шаќир Фетаху рече дека болеста е вистинска бидејќи сите компетентни органи во целиот свет потврдиле дека болеста постои и дека е многу опасна.
„Ние како Исламска верска заедница влеговме во борба против оваа болест со зборовите ’Страв не, но голема свест против оваа болест, да‘“, рече вршителот на должноста претседател на ИВЗ, Фетаху, апелирајќи дека граѓаните уште повеќе треба да бидат сериозни и да се придржуваат до мерките поставени од компетентните органи.
Потсетуваме, на 27 мај, Ријасетот на ИВЗ на Северна Македонија одржа вонредна седница на која донесе одлука за разрешување на тогашниот претседател Сулејман Реџепи, а го именуваше гостиварскиот муфтија хаџи хафиз Шаќир Фетаху за вршител на должноста претседател на ИВЗ до подготвување на условите за нови избори за претседател на ИВЗ на Северна Македонија.