Muhammed Yasin Güngör
23 Мај 2025•Ажурирај: 25 Мај 2025
БУКУРЕШТ (АА) - Деветтиот Форум за безбедност на Црното Море и Балканот заврши денес во Букурешт по дводневни интензивни дискусии на кои се разгледуваше иднината на регионот, влијанието на вештачката интелигенција врз војувањето и еволутивната европска безбедносна архитектура во услови на тековните геополитички предизвици, јавува Анадолу.
Вториот ден од форумот беше отворен со министрите за одбрана на Романија, Бугарија и Молдавија, заедно со турскиот заменик-министер за одбрана Шуај Алпај, кои ги разгледаа континуираните закани во регионот на Црното Море. Алпај ја нагласи соработката меѓу крајбрежните држави, предупредувајќи дека воената ескалација во регионот може да ги зголеми тензиите.
Останатите панели ја истражија стратешката важност на реката Дунав за европската безбедност и напорите на НАТО за одржување на отворени мориња. На посебна сесија, министрите за надворешни работи на Романија, Бугарија и Молдавија, заедно со експертот од Атлантскиот совет, Јан Бжежински, ги разгледаа предизвиците со кои се соочува поморската слобода долж источните граници на НАТО.
- Вештачката интелигенција го трансформира модерното војување -
На Форумот е дискутирано и за влијанието на вештачката интелигенција врз воените операции. Поранешни воени претставници и експерти дискутираа за растечката улога на вештачката интелигенција во војувањето, етичката загриженост околу автономните системи и клучните барања за човечки надзор во процесите на донесување одлуки.
Панелите се осврнаа на идните сценарија за војување со роботи, беспилотни летала и сателити и ги разгледаа ранливостите во кибер безбедноста и когнитивното војување во ерата на вештачката интелигенција.
- Европска безбедносна архитектура -
Дискусиите за европската безбедносна рамка доминираа на повеќе сесии, при што експертите дебатираа дали Европа треба да се стреми кон поголема стратешка автономија или да ги зајакне трансатлантските партнерства. Учесниците разгледаа што Европејците можат да понудат за да го одржат ангажманот на САД во европските работи и дали ЕУ ќе се појави како независен безбедносен актер.
Панелите ја доведоа во прашање идната траекторија на НАТО, истражувајќи како алијансата може да се прилагоди на променливата геополитичка динамика, а воедно да ја одржи кохезијата меѓу земјите членки во услови на стратешката пресвртница на Вашингтон.
- Руски хибридни закани и одвраќање -
Големо внимание беше насочено кон неконвенционалните тактики на војување на Русија, вклучително и вепонизирање на миграцијата и тековните хибридни закани со кои се соочува Молдавија. Експертите ги анализираа сценаријата на поствоена Русија и ефикасноста на нуклеарното одвраќање.
- Глобални меѓусебно поврзани предизвици -
Форумот се осврна и на пошироките геополитички прашања, како вепонизирањето на храната што влијае на глобалните синџири на снабдување и интензивирањето на конкуренцијата на големите сили од Азија до Европа. Стабилноста на Балканот и развојот на стратешките коридори, исто така, беа дел од дискусиите.
Џорџ Скутару, извршен директор на Центарот за нова стратегија, и Николас Ворнери, амбасадор на Франција во Романија, ги одржаа завршните говори. Ворнери изрази благодарност што Франција е земја партнер на организацијата. Скутару во својот говор ги сумираше двата дена од форумот и им се заблагодари на учесниците.
Дводневниот настан, организиран од романскиот Центар за нова стратегија, чиј глобален комуникациски партнер беше турската новинска агенција Анадолу, собра речиси 200 говорници кои се осврнаа на долгорочните регионални безбедносни предизвици и новите закани.