Zülfiya Yakup
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
ПРИШТИНА (АА) - Лидерот на Алијансата за иднината на Косово и поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово, Рамуш Харадинај, се појави денеска пред францускиот суд, каде што беше запознаен со обвинението според кое се товари за воени злосторства, поднесено од страна на Србија. Рочиштето за разгледување на барањето за екстрадиција во Србија ќе се одржи на 9. февруари, јавува Anadolu Agency (AA).
Адвокатот на одбраната Арианит Кочи на својот Фејсбук профил напиша дека предметот против неговиот клиент е исконструиран и политички мотивиран.
„Исконструиран и политички мотивиран предмет од страна на Србија денес е предаден на г-дин Харадинај и на одбраната“, напиша Кочи.
Тој исто така наведе дека на 9. февруари 2017 година е закажано судско рочиште за разгледување на барањето за екстрадиција на Харадинај на Србија.
Рамуш Харадинај на 4. јануари беше задржан од страна на француската полиција на аеродромот во Базел, врз основа на српска потерница поради наводни воени злосторства за време на судирите во Косово. Потоа, на 12. јануари беше условно ослободен и мораше да остане во Франција сѐ до одлуката на судот во врска со барањето на Србија за негово испорачување. Харадинај два пати пред Хашкиот трибунал беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства.