Ekip
14 Април 2020•Ажурирај: 15 Април 2020
АТИНА
Хјуман Рајтс Воч денес покрена кампања за ослободување на стотици деца без придружба кои бараат азил во Грција, а кои се затворени во полициски ќелии, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Овие места се сосема несоодветни за деца, нехигиенски, без пристап до природна светлина, додека децата често спијат на земја на валкани душеци и ќебиња и се принудени да останат со возрасни затвореници“, изјави за АА Ева Кос, истражувач за Хјуман Рајтс Воч.
Организацијата исто така документираше дека децата се соочиле со лош третман од страна на полицијата.
Најмалку 331 дете се наоѓаат во притвор и чекаат трансфер во засолниште.
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19 овие деца се соочуваат со сериозни здравствени ризици, се вели во соопштението на Хјуман Рајтс Воч.
Грчката страна тврди дека ги држат децата во заштитен притвор.
Кампањата со хештег FreeTheKids ја повикува Грција да ги исполни своите обврски кон овие деца и да создаде поповолна околина за нив.