БЕЛГРАД (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска во Белград порача дека билатералните односи меѓу Србија и Турција се извонредни и дека напредуваат секој ден, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција со министрот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, Чавушоглу потсети дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела беше во посета на Босна и Херцеговина и Црна Гора, и дека Турција придава големо значење на стабилноста на регионот.
Тој ја истакна важноста на улогата на Турција и Србија во одржувањето на регионалниот мир и регионалниот развој.
„Ќе продолжиме да работиме на регионалниот мир и стабилноста, и ќе ја поддржуваме евроатлантската интеграција на регионот. Се надевам дека ЕУ ќе ја сфати важноста на овој регион и дека дополнително ќе се ангажира во регионот“, рече Чавушоглу.
„Претседателот Ердоган минатата недела ги посети БиХ и Црна Гора. Тој се состана со членовите на Претседателството на БиХ. Турција се однесува еднакво кон сите етнички групи во БиХ, и важна ни е стабилноста на оваа земја. Сведоци сме на одредени тензии во БиХ, претседателот Ердоган го изнесе мислењето на Турција и позицијата во врска со БиХ. Мора да ги надминеме што побрзо моменталните несогласувања, и таа важна улога ја имаат претседателите Вучиќ и Ердоган, па и преку проектите што претставуваат проекти на мирот. Ќе направиме сè проблемите во БиХ да се надминат преку дијалог“, рече Чавушоглу.
Истакна дека третиот состанок на Советот за соработка меѓу Турција и Србија ќе се одржи до крајот на годината и дека се работи и на организирање трилатерален состанок, вклучувајќи ја и Босна и Херцеговина.
„Овие механизми ќе помогнат во континуитетот на нашиот дијалог и во унапредувањето на нашите односи во секој поглед“, рече Чавушоглу, и додаде дека обемот на трговската размена меѓу двете земји се зголемува и дека ќе се приближи до целта од две милијарди долари оваа година.
Чавушоглу потсети дека пред десет години во Србија имало само два милиони долари турски инвестиции, додека денес нивото на инвестиции во оваа земја достигнало 250 милиони долари.
Тој укажа на значењето на поддршката на српските власти за турските компании на ниво на инвестиции, како и нивниот раст.
- Патување со лични карти, Конзулат во Нови Пазар -
Турскиот министер Чавушоглу рече дека државјаните на Турција и Србија меѓу овие земји треба да патуваат само со лични карти, што беше предлог на турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој. Шефот на турската дипломатија, исто така, укажа и на важноста од меѓусебното признавање на сертификатите за вакцинација меѓу Србија и Турција.
Потсетувајќи дека утре ќе биде отворен Генералниот конзулат на Република Турција во Нови Пазар, Чавушоглу рече дека тоа е важен знак за пријателството меѓу двете земји. Турскиот министер најави и отворање на конзуларно претставништво на Турција во Ниш, велејќи дека тоа е подрачје низ кое минуваат голем број турски граѓани кои патуваат од земјите на Европската Унија.
Потсети и на проектите на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), најавувајќи реализација на нови.
- „Не е праведно да се очекува од Турција да прифаќа уште бегалци“ -
Потсетувајќи дека вчера учествувал на министерскиот состанок во врска со ситуацијата во Авганистан, Чавушоглу рече дека Турција сака да се формира влада во таа земја во која ќе бидат вклучени сите актери.
Укажа на важноста аеродромот во Кабул да се држи отворен и потсети на опасноста од тероризмот и недостатокот на храна, со оглед на тоа што на целата ситуација во Авганистан и претходеше суша.
Чавушоглу рече дека не е праведно и понатаму да се очекува од Турција да прими уште мигранти и бегалци, и нагласи дека целата меѓународна заедница мора да се вклучи и да го решава проблемот кај изворот.
„Турција во моментов е земја која згрижува најголем број мигранти во светот и немаме капацитет да прифаќаме нови. Не е праведно и понатаму да се очекува од Турција да прима уште мигранти и бегалци“, нагласи Чавушоглу.
news_share_descriptionsubscription_contact


