Abdula Berisha
15 Август 2019•Ажурирај: 16 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Висока делегација на Националната гарда (НГ) на сојузната држава на САД, Вермонт, предводена од командантот Грегори Најт, престојува во посета на Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Американската делегација беше примена со високи воени почести, по што командантот Најт оствари билатерални средби со началникот на Генералштабот на Северна Македонија, Васко Ѓурчиновски и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

На прес-конференцијата оддржана по состаноците, министерката Шекеринска рече дека е среќна што американската делегација престојува во Скопје кога се слават два јубилеја: Денот на Армијата, кој се одбележува на 18 август и 25. годишнина од воспоставувањето на воената соработка меѓу двете држави.
„Во овој 25-годишен период, речиси 5.000 припадници на нашата Армија и на Министерството за одбрана поминаа низ обуки, настава и консултации, спроведени со Националната гарда на Вермонт. Само оваа година имаме 16 заеднички активности во делот на човечки ресурси, во делот на воена медицина и во делот којшто е многу важен за нас како држава, а тоа е справување со природните катастрофи“, рече Шекеринска.
Министерката за одбрана исто така рече дека НГ на Вермонт е дел од достигнувањата на Армијата на Република Северна Македонија, затоа што, како што истакна таа, би било невозможно членството во НАТО ако земјата не профитирала од НГ на Вермонт во текот на 25-годишната соработка.
Командантот Најт рече дека во текот на соработката која трае четвртина век биле спроведени околу 400 заеднички активности во Северна Македонија и Вермонт, додавајќи дека тој разговарал за следните активности со американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнс, која исто така беше присутна на настанот.
„Иако ова го правиме 25 години, во разговорот со амбасадорката Брнс [заклучивме дека] има многу работи што можеме да ги направиме. Јас го споделувам нејзиниот ентузијазам за потенцијалот и иднината на ова партнерство и се залагаме да ѝ помогнеме на Северна Македонија да го комплетира членството во НАТО и да стане дел од тој тим, 30. членка, и да помогне во воспоставувањето и одржувањето на стабилноста во Европа“, рече Најт.
За време на посетата на американската воена делегација на Северна Македонија, предвидена е и средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски.