Agim Sulaj
15 Април 2026•Ажурирај: 15 Април 2026
Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца, на конференцијата „Отпорни демократии во информациската ера: нордиска перспектива за борба против дезинформациите и зајакнување на социјалната отпорност“, рече дека дезинформациите од Русија и Србија ја загрозуваат демократската стабилност, пренесува Анадолу.
Коњуфца во своето обраќање истакна дека светот живее во ера кога информациската средина станува сè поважна за демократската стабилност.
Како што нагласи, Косово продолжува да се соочува со дезинформациски кампањи што доаѓаат главно од Русија и Србија, кои се обидуваат да ја поткопаат државноста, погрешно да ја протолкуваат реалноста и да влијаат на локалната и меѓународната перцепција.
Посочи дека дезинформациите и влијанието врз информациите повеќе не се маргинални предизвици, туку намерни, често организирани и поддржани напори насочени кон ослабување на довербата во институциите, дезориентирање на јавната дебата и создавање несигурност кај граѓаните.
„Косово е посветено на напредок во оваа насока. Работиме на зајакнување на нашата институционална комуникација, подобрување на координацијата и поддршка на средина каде што точните информации и одговорното новинарство можат да цветаат, можат понатаму да се развиваат. Во исто време, разбираме дека долгорочната отпорност зависи од општество кое е критички ангажирано и сметам дека оваа конференција ќе придонесе на значаен начин (во тоа)“, рече Коњуфца.
Тој додаде дека овие предизвици се дел од поширок континуум што влијае на отпорноста на демократиите низ целиот регион, нагласувајќи дека градењето отпорност бара сеопфатни напори што ги обединуваат јавните институции, независните медиуми, граѓанското општество и самите граѓани.