Riyaz Khaliq Khaliq
12 Септември 2024•Ажурирај: 16 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Политиката за борба против дрогата на привремената администрација на авганистанските талибанци дава можност за стабилизирање на авганистанската економија, истакна денес меѓународна тинк-тенк организација, јавува Анадолу.
Признавајќи го како „еден од најуспешните напори за елиминација на афионот во модерната историја“, авганистанскиот аналитичар на Меѓународната кризна група, Ибрахим Бахис, рече дека „забраната, исто така, ги уништи домаќинствата во руралните области чија состојба и онака е тешка поради економската криза, како и влијанието на климатските промени“.
Во извештајот од ноември минатата година Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал рече дека одгледувањето опиум низ целата земја, разорена од војна, се намалило на само 10.800 хектари во 2023 година од 233.000 хектари претходната година, намалувајќи ја понудата за 95 отсто по забраната за одгледување опиумски афион воведена од талибанските власти во април 2022 година.
„Сѐ додека руралните Авганистанци немаат алтернативни можности за живот, веројатноста за раселување од големи размери и зголемена емиграција ќе остане голема“, рече Бахис.
Меѓународната тинк-тенк организација, позната по советите за креирање политики, рече: „За да се направи одржлива и правична политиката за наркотици (на привремената администрација), потребни се мултилатерални напори меѓу Авганистан и надворешниот свет.“
„Во меѓувреме, талибанците треба да усвојат поблаги мерки додека ја спроведуваат својата кампања за искоренување со цел да им овозможат на најсиромашните земјоделци и оние што најмногу се погодени од забраната постепено да се дистанцираат од афионот како култура за готовина“, се додава.
Авганистанските талибанци влегоа во главниот град Кабул на 15 август 2021 година и повторно се вратија на власт, а тоа резултираше со крај на распоредувањето странски сили во земјата зафатена од војна со децении. Оттогаш безбедноста на Авганистан е значително подобрена.
„Иницијативата за борба против дрогата е во интерес на многу странски актери, создавајќи можности донаторите да ја поддржат економската стабилизација на Авганистан“, истакна организацијата, која треба да го објави својот извештај со наслов „Неволји на полињата со опиум во Авганистан: Талибанската војна против дрогата“.
Во извештајот, организацијата ја разгледува „сеопфатната кампања на талибанците против наркотиците, кои драстично го намалија одгледувањето афион и ја нарушија наркоекономијата во Авганистан“.
„Законски дозволените култури нема да понудат доволен број вработувања, така што фокусот треба да биде на создавање работни места во неземјоделските индустрии“, се наведува во извештајот.
Откако талибанците се вратија на власт, Соединетите Американски Држави (САД) задржаа околу 7 милијарди долари од резервите на Авганистанската централна банка.