Mücahithan Avcıoğlu
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Јапонија од 1 мај ќе почне да ослободува дел од своите национални резерви на нафта, што е еквивалентно на 20 дена резерви, бидејќи поради кризата на Блискиот Исток и понатаму е нарушен протокот на сурова нафта низ Ормускиот Теснец, соопшти денес Министерството за економија, трговија и индустрија, јавува Анадолу.
„Со оглед на актуелната ситуација на Блискиот Исток, вложуваме максимални напори за набавка на сурова нафта преку маршрути што не минуваат низ Ормускиот Теснец“, се вели во соопштението на Министерството.
Токио очекува до мај да обезбеди повеќе од половина од своето снабдување со сурова нафта од алтернативни извори во споредба со минатогодишните нивоа, се додава во соопштението.
„Како резултат на напредокот во алтернативните набавки, во можност сме да го обезбедиме снабдувањето со нафта и по завршувањето на годината, притоа што количеството ослободени резерви ќе биде задржано на минимум“, додаде Министерството.
Министерството соопшти дека ќе ја ослободи следната количина на национални резерви на сурова нафта во согласност со член 31 од Законот за складирање нафта, со цел да продолжи обезбедувањето стабилно снабдување со сурова нафта.
Ќе биде ослободена вкупна количина од приближно 5,8 милиони килолитри, со проценета вредност од околу 540 милијарди јени или околу 3,38 милијарди долари.
Јапонија, еден од најголемите светски увозници на сурова нафта, во голема мера се потпира на енергетските резерви од Блискиот Исток, а ризиците од затворање и нарушување околу Ормускиот Теснец создава голема загриженост за енергетската безбедност на земјата.