Mücahithan Avcıoğlu
28 Јануари 2026•Ажурирај: 28 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – „Јунајтед Парсел Сервис“ (УПС) вчера соопшти дека годинава ќе укине дополнителни 30.000 работни места во рамките на напорите за постепено намалување на соработката со „Амазон“ и спроведување повеќегодишен план за закрепнување, јавува Анадолу.
По објавувањето на кварталниот финансиски извештај, финансискиот директор на компанијата, Брајан Дајкс, изјави пред инвеститорите дека УПС планира да ги намали вкупните оперативни часови за околу 25 милиони, поради намалениот обем на работа со „Амазон“.
„Во однос на варијабилните трошоци, очекуваме да ги намалиме оперативните позиции за најмногу 30.000“, рече Дајкс. „Ова ќе се реализира преку природен одлив на кадар, а планираме и втора програма за доброволно заминување за возачите со полно работно време.“
Дополнително, од УПС соопштија дека во првата половина од 2026 година ќе бидат затворени 24 објекти, а можно е и натамошно затворање до крајот на годината. Компанијата потсети дека минатата година затворила 93 објекти.
Според Дајкс, компанијата има намера и „дополнително да ја прошири автоматизацијата“ низ целата своја мрежа.
Најавените отпуштања следуваат по укинувањето на 48.000 работни места минатата година, од кои 14.000 во менаџментот, а 34.000 во оперативниот сектор.
Претходно компанијата процени дека комбинираното намалување на работни места ќе се сведе на околу 20.000.