Oliver Towfigh Nia
04 Јуни 2026•Ажурирај: 04 Јуни 2026
Германија минатата година забележа пораст на бројот на милионери за 11,1 отсто во однос на 2024 година, со што нивната бројка достигна околу 1,78 милиони луѓе, а нивното богатство се зголемило за 12,7 отсто и достигна нешто повеќе од 7,1 билион долари (околу 6,1 билион евра), објавија денес медиумите, пренесува Анадолу.
Со ова, Германија го задржа своето трето место во меѓународни рамки, пренесува дневниот весник „Велт“, повикувајќи се на извештајот на консултантската куќа „Капџеминај“.
Консултантската куќа „Капџеминај“ уште од 1997 година традиционално го објавува својот годишен Извештај за светското богатство.
При анализата се земаат предвид вредностите на акциите, обврзниците, алтернативните инвестиции како приватен капитал, готовинските средства и недвижниот имот, додека уметничките колекции и луксузните добра за лична потрошувачка, како што се накитот и автомобилите, се исклучени од пресметките.
Соединетите Американски Држави (САД) го задржаа водството откако бројот на милионери се зголеми за 736.000, достигнувајќи 8,7 милиони, што претставува посилен раст во споредба со која било друга земја.
Јапонија, која се наоѓа на второто место, исто така забележа значителен раст со дополнителни 436.000 милионери, како и Кина, која е на четвртото место, со пораст од 154.000 милионери.
Заедно, четирите најголеми земји по број на милионери, САД, Јапонија, Германија и Кина, сочинуваат речиси две третини (65,7 отсто) од вкупниот број милионери низ светот.
Според Извештајот, богатството на најбогатите луѓе во светот пораснало побрзо во рок од една година од кога било досега, односно на глобално ниво, богатството се зголемило за околу 8,7 отсто, достигнувајќи рекордна вредност од 98,3 билиони долари (приближно 84,4 билиони евра). Во меѓувреме, бројот на ултрабогати поединци со инвестициски средства од најмалку 30 милиони долари бележи најбрз раст на глобално ниво, со стапка од 9,4 отсто.
Истражувањето се заснова на бројни анкети во кои беа опфатени 6.510 богати поединци на 27 пазари, 144 раководители во секторот за управување со капитал и 1.317 агенти за односи со клиенти.