Ayhan Şimşek
23 Август 2018•Ажурирај: 23 Август 2018
БЕРЛИН (АА) - Централната банка на Германија денес предупреди за поголема неизвесност во врска со глобалните економски изгледи како последица на зголемените тензии меѓу САД и другите големи економии, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи за новинарите во Берлин, претседателот на германската Централна банка, Џенс Видман, изрази загриженост во врска со зголемените трговски тензии.
„Глобалниот економски пораст останува стабилен, првенствено управуван од двете најголеми економии - САД и Кина. Сепак, политичките ризици се зголемија, особено ризикот од зголемување на меѓународните трговски конфликти“, вели тој.
Видман предупреди дека големата трговска војна може да биде сериозно штетна за глобалната економија.
Тој ги даде овие забелешки откако американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот упати закана дека ќе стави данок од 25 отсто за секој автомобил кој ќе дојде од ЕУ и поради зголемените тарифи на САД на турската стока, при што турското лидерство тој потег го нарече „економски напад“, а лидерите на ЕУ, исто така упатија критики.
Минатиот месец Трамп се согласи да започне трговски разговори со ЕУ, што ги зголеми надежите во европските престолнини дека би можела да се избегне трансатлантска трговска војна.
Трговските тензии меѓу САД и Кина додатно ескалираа во текот на оваа недела, откако САД одлучија да воведат 25 отсто тарифи на кинеска стока во вредност од додатни 16 милијарди долари.
Во јули, САД наметнаа тарифи од 25 отсто на кинеската стока, во вредност од 34 милијарди долари.
Трамп минатиот месец изјави дека е подготвен да ги зголеми тарифите на кинеската стока на 500 милијарда долари, што е речиси вкупната вредност на стока која САД ја увезоа од Кина минатата година.