Agim Sulaj
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
Косово доби 61,8 милиони евра од првата исплата на Европската Унија (ЕУ), која започна со пренос на средствата за претфинансирање во рамките на Инструментот за реформи и раст од Планот на Европската Унија (ЕУ) за економски раст за Западен Балкан, пренесува Анадолу.
Според соопштението, овој чекор доаѓа откако Собранието на Косово ги ратификуваше договорите поврзани со планот и доставувањето на потребната документација од Владата на Косово.
„Откако во Собранието на Косово беа ратификувани договорите поврзани со Планот на ЕУ за економски раст и доставувањето на потребната документација од Владата, Европската комисија го започна преносот на средствата за претфинансирање од 61,8 милиони евра за Косово“, се наведува во соопштението.
Претфинансирањето претставува 7 отсто од вкупната сума од 882,6 милиони евра, што се очекува Косово да ги добие до крајот на 2027 година во форма на грантови и поволни кредити.
„Овие средства ќе го поддржат спроведувањето на Агендата за реформи на Косово и клучните инфраструктурни проекти поддржани од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF)“, се наведува понатаму.
Од 61,8 милиони, 28,74 милиони евра денес се префрлени како кредит во буџетот на Косово, а остатокот од 33,04 милиони евра (17,73 милиони грантови и 15,31 милиони кредити) ќе се канализира преку WBIF.
Во рамките на Агендата за реформи, Косово се обврза на спроведување на 111 реформски чекори во различни области, како владеење на правото, управување, економски развој, зелена и дигитална транзиција, како и човечки капитал.
Првиот краен рок опфаќа 13 реформски чекори во вкупна вредност од 90,8 милиони евра, кои се очекуваат до 30 јуни 2026 година. Дополнително, крајот на оваа година е краен рок за уште 27 реформски чекори во вредност од 165,9 милиони евра. Во оваа насока ЕУ нагласува дека исплатите ќе зависат од спроведувањето на договорените реформи.
„Исплатите според Планот за економски раст ќе се вршат постепено со спроведувањето на договорените реформи од страна на Косово. Доколку одредени реформски чекори не се завршат во утврдените рокови, соодветните средства нема да бидат исплатени“, се наведува понатаму.
Вршителката на должноста шефица на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Ева Палатова, ја истакна важноста на планот за реформи и европска интеграција. Палатова рече дека Планот за економски раст нуди конкретни можности за забрзување на реформите поврзани со ЕУ и за поголемо приближување на економијата на Косово кон заедничкиот пазар на ЕУ.
Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека земјата е посветена на спроведувањето на реформите и целосно искористување на можностите што ги нуди Планот за економски раст.
Со милијарди евра инвестирани по војната во 1999 година, ЕУ останува еден од најголемите донатори во Косово, додека преку овој план се цели кон забрзување на реформите и приближување на Косово кон европскиот пазар.