Ahmet Gürhan Kartal
04 Ноември 2022•Ажурирај: 05 Ноември 2022
ЛОНДОН (АА) - Околу 700 работници на лондонскиот Аеродром „Хитроу“ од 18 ноември ќе започнат тридневен штрајк поради спорот околу платите, соопшти денеска Синдикатот „Јунајт“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Штрајкот во најфреквентниот центар за авиопревоз во Лондон ќе се совпадне со почетокот на Светското првенство во Катар на 20 ноември со што може да бидат погодени илјадници фудбалски фанови.
„Вработените во „дната“ и „Џон Мензиес“ на „Хитроу“ ќе стапат во тридневен штрајк почнувајќи од 18 ноември, поради спор околу платите“, се вели во соопштението на Синдикатот.
„Штрајкот ќе започне во раните утрински часови в петок, 18 ноември, а ќе заврши во раните утрински часови в понеделник на 21 ноември“, се вели во соопштението.
„Тоа ќе доведе до прекини, откажувања и одложувања на терминалите 2, 3 и 4 на „Хитроу“. Штрајкот особено ќе влијае на „Катар ервејс“, кој додаде дополнителни 10 лета неделно за време на Светското првенство.“
Ќе штрајкуваат околу 700 вработени на аеродромот, воздухопловниот транспорт и карго одделот.
„Нашите вработени во „дната“ и „Џон Мензиес“ едноставно бараат пристојно зголемување на платите“, рече генералната секретарка на Синдикатот „Јунајт“, Шерон Греам, и додаде:
„И двете компании се високопрофитабилни и можат целосно да си дозволат правично зголемување на платите. Сопствениците и директорите си ги чуваат само своите џебови наместо праведно да ги плаќаат своите работници.“