Murat Temizer
06 Февруари 2022•Ажурирај: 07 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Во јануари 2021 година во складиштата низ Европа имаше околу 60 милијарди кубни метри гас, што е пополнетост од 52 отсто. Во однос на истиот период оваа година количините на гас се намалени на 42 милијарди кубни метри, а пополнетоста во јануари изнесувала 37,5 отсто, покажуваат податоците на „Gas Infrastructure Europe“, пишува Агенција Анадолија (АА).
Земја со најголемо количество гас во Европа е Италија со 10 милијарди кубни метри (47 отсто), потоа следува Германија со 8,7 милијарди кубни метри (35 отсто) и Франција со 4,4 милијарди кубни метри (33 отсто).
Кога станува збор за процентот на пополнетост на складиштата со гас, предничи Португалија, чие складиште од 200 милиони кубни метри е исполнето 80 отсто, потоа следува Велика Британија, чии складишта од 750 милиони кубни метри се 75 отсто пополнети.
Пополнетоста во Европа денес изнесува 36,6 отсто.
Податоците потврдуваат дека зголемувањето на побарувачката и студената зима се причината за намалување на залихите на гас во Европа.
Постудената зимска сезона од очекуваното и зголемувањето на побарувачката за енергенти доведоа до поголема употреба на гас. Намалувањето на количините на гас што Русија ги испраќа во Европа преку Украина и намалувањето на производството во хидроцентралите исто така влијаеа на намалувањето на количините на гас во складиштата.
Стручњаците наведуваат дека би можело да дојде до дополнителни потешкотии во снабдувањето со гас поради тензиите меѓу Русија и Украина. Европските и американските власти се загрижени дека во случај на војна меѓу двете земји, Русија, која испорачува 40 отсто од европскиот гас, на санкциите ќе одговори со затворање на вентилите.
Русија ја снабдува Европа со гас или преку долгорочни договори или преку еднократни договори со кои се продава одредена количина гас. Од друга страна се наведува дека Русија има капацитет да испрати 15 отсто повеќе гас во Европа.
Стручњаците исто така тврдат дека недостигот на гас е предизвикан од Русија, која сака да покаже дека гасоводот „Северен тек 2“, што Европа не го сака, е реална потреба.