İlyas Gün
06 Октомври 2018•Ажурирај: 07 Октомври 2018
САМСУН (АА) – Илјас Ѓун
Во местото Чаршамба, од областа Самсун, на 3.000 квадратни метри површина, еден произведувач, намалувајќи ги трошоците, воспоставил целосно автоматизирана стаклена градина. Го подобрил квалитетот на производството, а бербата започнала порано.
Ерсин Дурак, во разговор за Anadolu Agency (AA) раскажа дека пред пет години се вратил во својот роден град Самсун, откако претходно во Едрене работел во една приватна стоматолошка ординација како стоматолошки техничар.
По враќањето, Дурак изградил стаклена градина со површина од 3.000 квадратни метри, во која воспоставил автоматизиран систем за вентилација, ѓубрење и наводнување.
Во стаклената градина во која се намалени трошоците за ѓубрење и наводнување, Дурак врз кокопитниот материјал (Coco Peat - подлога што се користи во земјоделството, добиена од кората на кокос) насадил 7.000 садници од домати. Благодарение на воспоставениот автоматски систем, бербата ја започнал порано.
Дурак оваа година планира да произведе 20 тони домати.
Ерсин Дурак во разговорот за АА истакна дека во стаклената градина сѐ е дел од дигитален систем, вклучувајќи ја и исхраната на садниците и проветрувањето на градината.
Дурак, исто така истакна дека со помош на вентилацијата, влагата и топлината во градината се држат под контрола.
„Во стаклената градина целиот систем функционира со целосна автоматизација, но поленското опрашување на доматите се обезбедува со помош на бумбари. За нас е многу значајно да добиеме квалитетен производ, зголемување на производствените капацитети и поголема тонажа. Бербата започна во еден дел од стаклената градина, а за 15 - 20 дена ќе започнеме и во другиот дел на градината. Во периодот до декември, на пазарот ќе понудиме квалитетни производи“, рече Дурак.
- „Нашата цел е производство со еден управувач“
Дурак, исто така посочи дека со системот за автоматизација ги намалил трошоците.
„Добивме и квалитетна и богата берба, а во исто време ги намаливме финансиските трошоци. Бидејќи автоматизираниот систем овозможи точно и навремено наводнување, вентилација и ѓубрење, бербата започна порано. Нашата најголема предност во земјоделство без земја е долгорочна и висококвалитетна берба. И покрај тоа што целиот систем е автоматизиран, мораме да користиме различни управувачи. Нашата следна цел е производство со само еден управувач“, истакна Ерсин Дурак.
Претседателот на Одделот за рурални услуги на општината, Мехмет Акиф Оздемир, нагласи дека се обидуваат на земјоделството во Самсун да му дадат друга димензија.
„Давајќи поддршка, се обидуваме да ги зголемиме производствените капацитети. Нашиот производител тука производството го започна на површина од еден хектар. Потоа со целосната автоматизација почна да произведува на 3 хектари земја. Ние ја обезбедивме технолошката поддршка“, рече Оздемир.