Beyza Binnur Dönmez
28 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
АНКАРА (АА) - Турција и Мексико минатата недела се договорија за продолжување на преговорите за Договорот за слободна трговија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Говорејќи на Семинарот за трговија и инвестиции меѓу Турција и Мексико, заменик-министерката за трговија, Гонџа Јилмаз Батур, изјави дека билатералната средба со потсекретарката за надворешна трговија на Мексико, Лус Марија де ла Мора, била многу плодна“, се вели во соопштението на Одборот за надворешни економски односи на Турција (ДЕИК).
Батур изрази очекување дека комерцијалните и економските односи меѓу двете земји со заедничка работа ќе достигнат ниво што се совпаѓа со вистински потенцијал.
„Обемот на трговијата меѓу нашите земји надмина 1,2 милијарди американски долари во 2018 година“, рече Батур и додаде: „Првата половина на 2019 година, исто така, покажа сличен тренд во нашата билатерална трговија. Извозот во Мексико достигна 287,4 милиони долари, додека увозот од Мексико достигна 276,1 милиони долари“.
Таа рече дека двете економии имаат заеднички карактеристики, а трговските бројки укажуваат на потенцијалот на Турција и Мексико и додаде: „За да ги подигнеме овие бројки на посакуваните нивоа, треба да планираме повеќе меѓусебни посети, особено меѓу нашите трговски делегации и како дел од редовните состаноци на Заедничката економска комисија“.
„Она што е најважно е да се потпише Договор за слободна трговија меѓу двете земји“, нагласи таа.
„Турската влада го прогласи Мексико за една од нејзините целни земји во 2019 година“, рече Батур и најави дека Министерството за трговија планира наесен да го посети Мексико со поголема бизнис-делегација.
Амбасадорот на Мексико во Турција, Бернардо Кордова Тељо, изјави дека со директните летови на „Туркиш ерлајнс“ кон земјата и одличните дипломатски и политички односи, растојанијето меѓу Турција и Мексико и комуникацијата не се повеќе пречки за зајакнување на билатералните економски односи.
„Како Министерство, ние сме посветени кон развивање на нашите економски односи со Турција“, изјави Луис Фернандо Годој Руеда, заменик генерален директор на мексиканското Министерство за економија.
Семинарот за трговија и инвестиции меѓу Турција и Мексико беше одржан на 23 август во Мексико, од страна на Одборот за надворешни економски односи на Турција (ДЕИК) и Бизнис-советот на Турција и Мексико.