Sibel Morrow
13 Април 2022•Ажурирај: 14 Април 2022
АНКАРА (АА) - Цените на нафтата денеска осцилираа по застојот во мировните преговори меѓу Русија и Украина, додека слабеењето на побарувачката во Кина го ограничи натамошниот раст на цените на енергенти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меѓународната референтна цена на суровата нафта од типот „Брент“ изнесуваше 104,47 долари по барел, што е за 0,16 отсто помалку од претходното затворање кога цената беше 104,64 долари по барел.
Американската референтна вредност Вест Тексас интермедиејт (WTI) се тргуваше по цена од 100,42 долари по барел, по претходното затворање кога цената изнесуваше 100,60 долари по барел.
Ескалацијата на геополитичките тензии во Источна Европа предизвикува загриженост за недостигот на нафта, додека кинеската политика на нулта толеранција за случаите на Ковид-19, поради која карантинот во земјата е продолжен на 14 дена, придонесе за ризици на страна на побарувачката.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Украина го променила својот став по мировните преговори во Истанбул, Турција, минатиот месец, велејќи дека разговорите сега се во „ќор-сокак“.
Русија, значаен производител на сурова нафта, е изложена на санкции наметнати од САД и од повеќето европски земји, што влијаеше на испораките на глобалниот пазар.