Andrew John Roesgen
13 Ноември 2021•Ажурирај: 14 Ноември 2021
ЧИКАКО (АА) - Судијата во Лос Ангелес, САД, официјално стави крај на контроверзното старателство кое го раководеше животот на поп ѕвездата Бритни Спирс околу 14 години, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Поддржувачите на Спирс, облечени во разни бои, многумина во розова, се слушнаа радувајќи се и пеејќи ги песните на Спирс пред судот кога судијката Бренда Пени ја прочита одлуката дека „старателство за лицето и имотот на Бритни Џин Спирс веќе не е потребно“.
Спирс не беше во судот за време на пресудата, што беше и очекувано.
По повеќегодишни шпекулации за добробитта на Спирс под старателство на нејзиниот татко, Џејмс Спирс, и повеќе документарни филмови за обвинувања за малтретирање, поп ѕвездата го шокираше светот во јуни кога за прв пат даде јавни коментари во судот.
„Јас сум во шок. Јас сум истрауматизирана“, кажа Спирс во текот на нејзиното 24-минутно свдочење во судот. Спирс го нарече старателството „насилно“, нагласувајќи дека нејзиниот татко и другите вклучени во старателството треба да бидат во затвор. „Си го сакам животот назад“, порача Бритни Спирс.
На Џејмс Спирс му беше доделено старателство, давајќи му контрола врз финансиските и професионалните работи на неговата ќерка во 2008 година, кога таа имаше 26 години и кога страдаше од сериозни јавни испади.
Но, движењето „Ослободете ја Бритни“ порасна помеѓу фановите, кои се сомневаа во мотивите на нејзиниот татко. Повеќето старателства се доделени во случаи кога личноста е сè повеќе неспособна на некој начин, како со Алцхајмеровата болест.
Но, Спирс продолжи да произведува популарна музика, зголемувајќи ја нејзината нето вредност на околу 60 милиони долари. И кога го одложи планираниот музички настап во Лас Вегас во 2019 година, сомнежите се зголемија за носењето на одлуките.
Џејмс Спирс секогаш тврдел дека тој само ја сака благосостојбата на неговата ќерка, но по обвинувањата дека некој што е вклучен во старателство поставил опрема за надзор во спалната соба на својата ќерка, притисокот порасна за ставање крај на неговата вклученост.
Судијката Бренда Пени стави крај на старателството на Џејмс Спирс на почетокот на септември.