Medin Halilovic
20 Декември 2015•Ажурирај: 21 Декември 2015
НОВИ ПАЗАР (АА) - Поради стратешката позиција на Пештерската висорамнина, еден од најзначајните објекти на поранешна ЈНА, аеродромот Дубиње, покрај Сеница, уништен е во НАТО бомбрдирањата во 1999 година.
Аеродромот денес е руиниран и напуштен. И покрај големиот број неексплодирани убојни средства, единствено го користат мештаните кои на тоа подрачје ги пасат овците и говедата. Бункерите во кои беа сместени суперсоничните авиони сега се користат како штали и простор за остава и сено.
Со цел развој на пештерскиот крај и регионот Санџак, уште од 2006 година е покрената иницијатива за обнова на сеничкиот аеродром и отворање на еден негов дел за патнички сообраќај, што ќе стане рамка за развој на стопанството.
Властите од Белград уште немаат донесено одлука за каква цел ќе се користи некогашниот аеродром.
Аеродромот "Дубиње" во Сеница по одлука на Владата на Република Србија е изземен од Мастер планот за располагање со недвижнини, продажба на воениот имот со цел заживување на развојот на општината, а кои не се неопходни за функционирање на Војската на Србија, потврдено е за Anadolu Agency (AA) од Министерството за одбрана на Србија.
"Тоа значи дека во овој момент станува збор за перспективен воен објект, за чија намена треба да се донесе конечна одлука", се наведува од Министерството за одбрана на Република Србија.
Претседателот на сеничката Општина Хазбо Мујовиќ, истакна дека прво треба да се изврши одминирање на аеродромот, а потоа со цел пласирање на здрава храна и земјоделски производи, поради економскиот развој на местото, аеродромот да се претвори во воено-цивилен.
"Такви аеродроми постојат во светот, тоа е економски пооправдано. Ако Војската на Србија сака аеродромот да го пренесе во надлежност на локалната самоуправа, подготвени сме да стапиме во разговори за цивилно користење на аеродромот и општината Сеница низ приватно партнерство може да најде можност за откуп на земјиштето. Тоа е она што и треба на Сеница", порача Мујовиќ.
На надморска височина од над илјада метри, аеродромот Дубиње имал најголема писта во Југославија, долга 2,5 километри. Пистата и аеродромот заедно со неколку авиони се уништени во НАТО бомбардирањата. На целото подрачје на површина од околу 160 хектари од некогашниот воен комплекс се наоќаат кратери од илјада паднати бомби. На сеничкиот аеродром, поради неговата стратешка позиција, беа сместени ескадрилите на ловечко-бомбардерската авијација на ЈНА, а подоцна и војската на Југославија.
Во срушените хангари сè уште има останати бомби, а на целиот простор има и голем број проектили и касетни бомби од НАТО бомбардирањата во текот на 78-те дена.
Скоро секој капонир (засолниште за авиони) е потполно срушен, а во некои од нив се чуваат овци.
Аеродромот "Дубиње" загаден е со голема количина неексплодирани убојни средства од 1999 година и не е безбеден за луѓето и стоката.
Војската на Србија, одговараат од Mинистерството за одбрана на Србија, ги разгледува модалитетите за чистење на просторот во комплексот од неексплодирани убојни и други средства.
Официјалните проценки на Министерството за одбрана на Србија се дека процесот на расчистување ќе биде долготраен и дека ќе бидат потребни значителни финансиски средства.
Центарот за деминирање на Србија во август оваа година го заврши проектот за чистење на касетната муниција од локацијата "Сеница 1" со површина од 129.843 метри квадратни, од двете страни на патот Сеница - селото Вапа, непосредно покрај аеродромот. Проектот е финансиран од страна на Владата на САД, преку Меѓународната фондација за јакнење на безбедноста на луѓето (ITF).