Живот покрај Еуфрат: 72-годишен рибар ја чува традицијата на плетење мрежи
- Хабаш уште од далечната 1983 година живее покрај брегот на реката Еуфрат, па затоа во регионот е познат како „шеикот на рибарите, нуркачите и пливачите“, кој во секоја рачно изработена мрежа, внесува и дел од својата душа
Ahmet Karaahmet
22 Мај 2026•Ажурирај: 22 Мај 2026
photo: Abdulrhman El Ali / AA
РАКА
Во сирискиот град Рака, 72-годишниот Јусуф Хабаш, кој четири децении се занимава со риболов, настојува да ја зачува од заборав традиционалната уметност за плетење рибарски мрежи, така што ова знаење им го пренесува на децата и внуците, јавува Анадолу.
Хабаш уште од далечната 1983 година живее покрај брегот на реката Еуфрат, па затоа во регионот е познат како „шеикот на рибарите, нуркачите и пливачите“, кој во секоја рачно изработена мрежа, внесува и дел од својата душа.
Со децении, тој самиот ги плете и ги крпи мрежите, изработувајќи традиционална рибарска опрема. Денес, кога оваа вештина е речиси изумрена во регионот, Хабаш неуморно го пренесува своето знаење на новите генерации, трудејќи се занаетот да не замине во заборав.
„Плетењето мрежа е работа која бара бескрајно трпение и искуство“, вели Хабаш, кој ги изработува и поправа рибарските мрежи во друштво на своите деца и внуци.
Фотографија : Abdulrhman El Ali/AA
Тој додава дека мрежите изработени со традиционални методи не само што се многу поиздржливи, туку во себе го носат и живиот завет на културното наследство.
Во младите денови, Хабаш служел во нуркачкиот тим на Противпожарната служба во Рака. Долги години, тој бил чуварот на реката Еуфрат, спасувајќи бројни човечки животи од немилосрдните води на реката.
И по пензионирањето, неговото срце останало засекогаш врзано за Еуфрат. Денес, риболовот со неговиот мал чамец, како и заработката од рачно изработените рибарски мрежи и традиционалните рибарски алатки се неговиот единствен извор на егзистенција.
- „Речиси секој божји ден се спуштам до Еуфрат, ги ширам мрежите и ловам риба“ -
Во разговор со Анадолу, Хабаш раскажа дека најголемиот дел од неговиот животен пат поминал покрај водите на реката Еуфрат.
Фотографија : Abdulrhman El Ali/AA
За него, реката Еуфрат не е само професија, туку „извор на животот“. Оваа нераскинлива врска и љубов кон реката датираат уште од неговото најрано детство.
Најголемиот дел од своето време го минува рибарејќи или подготвувајќи ги алатите.
„Речиси секој божји ден се спуштам до мојата Еуфрат, ги подготвувам мрежите и ловам риба.“
„Реката Еуфрат е од големо значење за локалното население“, вели рибарот, „преку земјоделството, рибарството и другите дејности, со векови обезбедува живот на милиони луѓе.“
- Некои видови риби повеќе ги нема -
Со тага во гласот, Хабаш раскажува дека некои видови риби кои во минатото ги имало во изобилство и кои достигнувале огромни големини, денес треба да имаш голема среќа да ги сретнеш, додека само најиздржливите видови успеале да опстојат.
Тој верува дека главниот виновник за оваа промена во рибниот фонд се изградените брани. Промените во речниот тек и пресушувањето на некои од речните ракави силно го нарушиле природниот соживот и рамнотежа на реката.
- „Еуфрат за мене е живот и благослов“ -
Благодарение на Еуфрат, тој го прехранувал своето семејство, во нејзините води научил да плива, а денес сите тие благодати и вештини им ги пренесува на своите деца и внуци.
„Еуфрат за мене значи живот, таа е мојот благослов“, вели тој.
Хабаш верува дека оваа длабока духовна врска што ја има со реката Еуфрат ќе живее во него со секој негов здив, сè до последниот ден.
Живот покрај Еуфрат: 72-годишен рибар ја чува традицијата на плетење мрежи