АНКАРА (АА) - Иако случаите на детска парализа од 80- тите години наваму се намалени за 99 отсто, сепак, постоењето на вирусот дури и кај едно лице, преставува ризик од појава на епидемија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО) и Глобалната иницијатива за искоренување на детската парализа (GPEI), детската парализа е болест којашто настанува како последица од заразување со вирусот полиомиелит (poliomyelit) на деца помали од 5 години.
Овој вирус кај еден од 200 заболени се шири во 'рбетниот мозок и предизвикува парализа, која е неизлечива. Поради зафаќањето на мускулите на респираторните органи, кај 5 до 10 отсто од заболените настапува смрт.
Џонас Салк е водач на екипата што прва ја пронајде вакцината против вирусот на детска парализа. Ова откритие е направено на 24 октомври, па секоја година, овој датум се слави како „Ден на децата заболени од детска парализа“.
- Детската парализа може да се искорени во потполност -
За разлика од многуте други вируси, човештвото може во потполност да го уништи вирусот на детската парализа.
Постојат три различни типови на вирусот на детска парализа. Овој вирус не може да опстане долго време надвор од човековиот организам. Затоа се спроведуваат кампањи на вакцинирање од болеста, кои ќе доведат до искоренување на вирусот.
Во 1999 година, во потполност е уништен вирусот на детска парализа од тип 2, додека случаи на заболени од вирусот на детска парализа тип 3 не се забележани од 2012 година досега. Вирусот на детска парализа од тип 1 сѐ уште се сретнува.
Не постои терапија за вирусот, но вакцината има ефективни резултати.
Со одлука на Светското здравствено собрание, во 1988 година е формирана Глобалната иницијатива за искоренување на детската парализа (GPEI) и во тој период, на светско ниво се забеле -жани 350.000 случаи на детска парализа.
Благодарение на меѓународната поддршка што беше дадена за Глобалната иницијатива за искоренување на детската парализа, оваа бројка во 2016 година изнесуваше само 37 случаи, што претставува пад од 99 отсто.
- Авганистан, Пакистан и Нигерија сѐ уште се во опасност -
Експертите предупредуваат дека доколку вирусот постои и само кај едно дете, тој претставува ризик од појава на епидемија.
Авганистан, Пакистан и Нигерија се познати како земји во коишто беше неуспешен обидот да се запрат случаите на детска парализа. Проблемите во безбедносниот и во здравствениот систем во овие земји, како и нехигиената, претставуваат дополнителна пречка во напорите за искоренување на вирусот.
Особено во источниот, јужниот и во југоисточниот дел на Авганистан, сѐ уште се сретнуваат случаи на детска парализа. Во подрачјето на Кунар, Пактика, Хелманд и во Кандахар, во 2016 година е забележан вирусот на детска парализа кај 13 деца. До 12 септември 2017 година, во подрачјето на Кандахар, Хелманд, Кундуз и во Забул се пријавени 6 случаи на детска парализа.
И покрај тоа што во Пакистан има напредок во уништувањето на вирусот на детска парализа, во некои делови од земјата сѐ уште има деца кои не се вакцинирани и незаштитени се соочуваат со висок ризик од заболување од оваа тешка болест. Во оваа земја, минатата година се забележани 15 случаи на детска парализа, додека во 2017 се забележани 5 случаи.
Во Нигерија, по 2 години пауза, во 2016 е забележан првиот случај на детска парализа, по што во земјите во басенот на езерото Чад (Камерун, Централна Африканска Република, Чад и Нигер) започнаа голем број кампањи за вакцинирање.
Минатата година во Нигерија се забележани 4 случаи на детска парализа, а оваа година сѐ уште не е забележан ниту еден случај на заболен од оваа тешка болест.
news_share_descriptionsubscription_contact
