Haydar Karaalp
04 Декември 2021•Ажурирај: 05 Декември 2021
БАГДАД (АА)
- Хајдар КАРААЛП
Ирачанката Ум Абуди изнајми плац во Багдад и со сопствени средства изгради дом за мачките и кучињата настрадани во текот на војната во таа земја, пишува Агенција Анадолија (АА).
Откако изнајми плац со големина од 500 метри квадратни во западниот дел на Багдад, Ум Абуди во него згрижи 14 кучиња и повеќе од 70 мачки, а поголемиот дел од животните се повредени или претрпеле големи трауми во текот на воените судири.
Тој хуманитарен гест привлече големо внимание имајќи предвид дека Ирак сѐ уште е сцена на длабока политичка и безбедносна криза и во земјата нема регулирана политика за заштита и грижа за животните.
Во разговорот со новинарот на АА, Абуди истакна дека љубовта кон животните ја стекнала во раното детство.
„Тогаш немаше увоз и се грижев за нашите домашни мачки, но тогаш тие животни не беа изложени на насилство како во изминатите години. Во својот дом ги носам сите животни кога на улица ќе забележам дека се болни или повредени. Познавам голем број ветеринари во Багдад и се консултирам со нив“, рече Ум Абуди.
Абуди е јавен службеник и на почетокот се соочувала со отпор од страна на локалното население, кои не биле расположени во нивниот кварт да видат толкав број животни, но со својата посветена работа таа ги уверила сите дека постапува правилно.
„Сѐ уште во Ирак има голем број луѓе кои се безобѕирни кон животните и со објави на социјалните мрежи се борам против таа појава. Неодамна видов страшен пример како дете со камен гаѓа мачка додека пие вода, а во исто време за рака ја држеше својата мајка, која не го ни праша зошто го направи тоа. Родителите мораат да бидат свесни дека солидарноста, милоста и добрината требаат да се поттикнуваат кај децата, за да тие исти деца бидат добри кон своите родители“, рече Абуди.
Иако нејзините родители на почетокот биле лути на неа што своето слободно време го минува грижејќи се за животните, Ум Абуди рече дека сѐ почесто и тие доаѓаат да ѝ помогнат во тоа.