Meiramgul Kussainova
23 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
НУР СУЛТАН (АА) - МЕИРАМЃУЛ КУСАИНОВА -
Казахстанските албино-сестри Асел и Камила Калаганова привлекуваат внимание во модниот свет со својот „ангелски изглед“, пишува Агенција Анадолија (АА).
Сестрите, кои имаат разлика во возраста од 13 години, во татковината сега работат како модели, а токму затоа што се албино го привлекуваат вниманието како на домашната, така и на странската јавност. Семејството Калаганова е познато како единствено семејство во Казахстан кое има две албино-деца.
Асел и Камила, кои живеат во градот Актау на брегот на Каспиското Море, се родени со ретката генетска болест, албинизам.
Нивната мајка Ајман Саркитова за АА изјави дека родила две девојчиња и момче, а дека ќерките се родени со албинизам.
„Кога се роди мојата прва ќерка Асел не сфативме веднаш за што се работи. Сите, вклучувајќи ме мене, беа изненадени, но тогаш дознавме дека дедото на мојот сопруг бил албино“, раскажа Саркитова.
Како што изјави, по 13 години била родена и нејзината втора ќерка Камила, која исто така има албинизам.
„По овој настан се зголеми интересот за нашето семејство. Дури и мојот син се прашуваше зошто неговите сестри не личат на нас“, појасни Саркитова.
Постарата сестра, 16-годишната Асел, објасни дека ѝ било тешко да стекне нови пријатели, особено на почетокот.
„Ми изгледаше дека луѓето не сакаат да комуницираат со мене или да ми бидат пријатели. Кога сфатив дека така не можам до крајот на животот, започнав да преземам одредени чекори“, раскажа Асел.
Како што изјави, некогаш ѝ било особено незгодно бидејќи луѓето ја фотографирале и чудно ја гледале кога излегува надвор. Меѓутоа, истакнува дека со текот на времето се навикнала на тоа.
За разлика од помладата сестра Камила со текот на времето била задоволна што луѓето покажуваат интерес за неа. Сепак, во лето никогаш не излегува надвор во текот на денот.
„Во лето обично излегувам по 20 часот. Доколку морам да одам некаде, секогаш нанесувам крема за сончање. Кога одам на плажа, претежно седам под сенка“, раскажа Асел.
- Голем интерес во модниот свет за сестрите со албинизам -
Наведувајќи дека се познати како „белите принцези“ од Казахстан, Асел Калаганова изјави дека им пристигнале голем број понуди од домашните и странски рекламни компании.
„Моментално работам со локалната агенција за модели. Бидејќи мојата сестра сè уште е мала, дел е само во рекламите наменети за нејзините години. Меѓутоа, веќе имам проекти во земјата и странство“, изјави Асел.
Нејзината менаџерка Ајлан Сисеналијева изјави дека Асел започнала да привлекува внимание кај странските модни куќи откако се појавила во реклама за еден американски шампон.
„Има многу куќи кои сакаат да соработуваат со Асел. Меѓутоа, не можеме да ја прифатиме секоја понуда бидејќи е албино и не може да остане долго на сонце. Поради тоа повеќе сакаме реклами во затворен простор“, нагласи Сисеналијева.
Албинизмот е вродена и наследна неспособност на организмот да го создава пигментот меланин. Настанува поради недостатокот на ензимот тирозиназа, а се манифестира со делумна или потполна депигментација на кожата, косата и шареницата на окото. Двајцата родители кои имаат албинистички ген можат да го пренесат албинизмот на некое од своите деца. Кожата на лицата со албинизам е светло розикава, косата е бела и тенка, а низ зеницата се одразува црвенилото на мрежницата.