Nuran Erkul Kaya
24 Август 2021•Ажурирај: 26 Август 2021
ИСТАНБУЛ
Научниците соопштија дека климатските промени ја зголемуваат можноста за поројни врнежи од дожд што предизвикуваат поплави и додаваат дека таквите врнежи ќе станат сè почести доколку не се намалат емисиите на гасови, известува Агенција Анадолија (АА).
Светската сеопфатна иницијатива за време (WWA) објави анализа што го испитува влијанието на климатските промени врз катастрофалните поплави што ја зафатија Западна Европа во периодот од 12 до 15 јули.
Студијата била спроведена од страна на 39 истражувачи, меѓу кои биле вклучени и научници од универзитети, метеоролошки и хидролошки институции во Белгија, Франција, Германија, Луксембург, Холандија, САД и Велика Британија.
Користејќи временски записи и компјутерски симулации за пресметка на улогата на климатските промени врз обилните врнежи што предизвикуваат поплави, научниците споредувајќи го времето од минатото со денешната клима, дојдоа до заклучок според кој денешната клима е зголемена за околу 1,2 степени Целзиусови во споредба со климата кон крајот на 1800-тите.
Според анализите, обилните дождови во одредени делови на Западна Европа во периодот од 12 до 15 јули предизвикале поплави во кои животот го загубија најмалку 220 луѓе во Белгија и Германија.
Анализата откри дека количеството дожд што паѓа на дневна основа се зголемило за 3 до 19 проценти поради климатските промени предизвикани од човечките активности.
Покрај тоа, научниците пресметаа дека поради климатските промени, од 1,2 до 9 пати е зголемена веројатноста обилните врнежи од дожд да предизвикуваат поплави.
Во студијата, која предвидува дека според сегашната клима слични настани можат да се случат во кој било регион во Западна Европа еднаш на приближно секои 400 години, се тврди дека голема е веројатноста таквите настани да се случат на поширок регион во подолг временски период.
Според тоа, со зголемување на емисиите на стакленички гасови и континуираниот пораст на температурата, таквите врнежи ќе станат сè почести.
Проф. Хејли Фаулер, специјалист за влијанието на климатските промени при Универзитетот „Њукасл“, во презентацијата на студијата, изјавувајќи дека модерните климатски модели укажуваат на зголемување на екстремните врнежи во еден потопол свет во иднина, истакна:
„Овој настан покажува дека општествата не се отпорни на тековните ексцеси. За да ги намалиме загубите и трошоците и да бидеме поотпорни на екстремните поплави, потребно е да ги намалиме емисиите на стакленички гасови што е можно побрзо, да ги подобриме системите за предупредување и управување со вонредни состојби и да ја направиме нашата инфраструктура 'отпорна на климата'.“
Фридерике Ото, заменик-директорот на Институтот за промени на животната средина на Универзитетот „Оксфорд“, посочувајќи дека поплавите покажале дека дури и развиените земји не се безбедни од тешките последици предизвикани од екстремните временски настани, истакна: „Ова е итен глобален проблем и потребно е преземање мерки за негово решавање.“