Мајка на три деца го презеде таксито по пензионирањето на свекорот и го продолжи семејниот бизнис
- „Чесно го заработуваме лебот со сопствен труд. Луѓето многу се изненадуваат кога ќе видат дека возачот е жена. Особено жените и студентите го земаат мојот телефонски број.“
Cihan Okur
24 Јули 2026•Ажурирано: 24 Јули 2026
photo: Cihan Okur / AA
АМАСИЈА
Мерве Акташ (39), мајка на три деца од турскиот град Амасја, придонесува за семејниот буџет возејќи го таксито што го презела од својот свекор, кој поради старост се повлекол од професијата, пишува Анадолу.
Акташ, која претходно водела фризерски салон, била принудена да го затвори за време на пандемијата. Откако му истекла лиценцата за професионална квалификација на нејзиниот свекор Тургут Акташ, кој 15 години работел како таксист, таа одлучила да седне зад воланот.
По успешно положениот испит за професионална квалификација со 85 поени, Акташ, која има 22 години возачко искуство, почнала да работи во такси-станицата во населбата Тугај, каде што претходно работел нејзиниот свекор.
Фотографија : Cihan Okur/AA
Во такси-станицата, каде што често се и нејзиниот сопруг, свекрвата и децата, семејството создаде вистински семеен бизнис. Со својата педантност, искреност и подготвеност да помогне, таа за кратко време ги освои симпатиите на клиентите, особено на жените и војниците кои доаѓаат во градот.
Мерве Акташ за Анадолу изјави дека таксито за нив претставува извор на егзистенција и наследство од нејзиниот свекор.
Таа рече дека со гордост ја извршува својата работа.
Фотографија : Cihan Okur/AA
„Кога му истече лиценцата на свекор ми, наместо да вработиме друг возач, решивме сами да ја продолжиме работата. Возам многу добро, имам 22 години возачко искуство. Во април го положив и испитот за професионална квалификација со 85 поени. Таксито е нашето најголемо богатство. Некои велат: ‘Жена таксист?’, но јас сум навистина горда. На крајот, чесно го заработуваме лебот со сопствен труд. Луѓето многу се изненадуваат кога ќе видат дека возачот е жена. Особено жените и студентите го земаат мојот телефонски број. Откако ќе ги однесам семејствата на војниците до автобуската станица, остануваме во контакт, станавме како семејство. Кога жената нешто ќе посака, може сѐ да постигне“, рече таа.
Свекорот Тургут Акташ истакна дека долги години работел во транспортниот сектор.
„Последните 15 години работев како таксист. Сега, бидејќи веќе не можам безбедно да возам, воланот ѝ го препуштив на снаата. За среќа, таа дојде и ни помогна. Ова е нашиот извор на приходи и моравме да продолжиме со работата. Немавме друга алтернатива. Затоа сме среќни што како семејство продолжуваме да им служиме на луѓето“, изјави тој.