Muhammet Kurşun
17 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
ТЕХЕРАН (АА) – МУХАМЕТ КУРШУН -
Музејот на мачки во Техеран, главниот град на Иран, им помага на луѓето да научат повеќе за своите мали пријатели, како и на децата да се „поврзат“ со овие животни, јавува Агенција Анадолија (АА).
Музејот е отворен пред две години на површина од околу 200 квадратни метри на техеранскиот булевар „Кишаварзи“. Ѕидовите се украсени со слики од мачки.

Музејот е дом на околу 30 мачки кои ги дочекуваат гостите.
Дел од двокатниот музеј, кој е отворен со дозвола од иранското Министерство за култура, резервиран е за кафуле во кое посетителите ќе можат да уживаат во сликите од мачки.
Овој музеј ја зајакнува врската помеѓу луѓето и мачките.
Директорот на музејот, Хусеин Хемледари, за АА кажа дека целта на ова место првенствено е создавање култура.

„Со векови живееме со мачките, но не ги познаваме многу. Развивме ваква идеја за подобро запознавање на мачките“, рече Хемледари.
Како што кажа, Музејот на мачките има и историски аспект.
„Со сликите сакавме одблиску да го прикажеме односот на луѓето и мачките. Оваа врска има историски аспект. Општествата кои сакаат мачки не се склони на насилство. Мачките имаат посебно место во иранската и светската книжевност“, објасни Хемледари.
Истакнувајќи дека Музејот го посетуваат и луѓе кои не сакаат животни и имаат страв од мачки, Хемледари рече дека нивните ставови се менуваат и дека им помагаат да го надминат тој страв.

Тој наведе дека вложуваат напори во ширењето љубов кон животните.
Потсети дека во иранската и светската книжевност постојат многу познати дела за мачки и глувци.
„Љубовта кон животните исто така ја зголемува почитта кон останатите членови на општеството. Бројот на пријателите на мачките во Техеран е многу голем. Оние кои ги штитат мачките го поддржаа овој проект. Затоа Музејот привлекува големо внимание. Посетителите даваат нови идеи и помош за понатамошен развој на ова место. Доаѓаат и млади луѓе и деца. Претежно тоа се лица помлади од 30 години“, кажа Хемледари.

Во Музејот беше и Ширин Султани, која информацијата за Музејот ја видела на социјалните мрежи и одлучила со синот да го посети ова место.
„Тоа е многу интересно и убаво место. Мојот син ги сака животните, па затоа го донесов овде. Ги сака мачките“, кажа Султани.
Музејот му се допаѓа и на Нахид Мердани.
„Тоа е прекрасно место, ми се допаѓа. Ги сакам животните посебно мачките. Ја донесовме ќерката да го види ова место и да се запознае со животните“, додаде Мердани.