Bilal Güler,Sayed Khodaiberdi Sadat
16 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
ХЕРАТ (АА) ‒ Поранешен советски војник кој дошол во Авганистан пред 38 години на 18-годишна возраст да се бори во војната, ја прифатил авганистанската култура откако бил заробен.
За Агенција Анадолија, Шерефович Хакимов раскажа дека за време на авганистанската војна учествувал во борбите во регионот на Херат како артилерец и бил ранет на челото и половината за време на престрелка.
Тој бил заробен од борците на Хаџи Саид Абдулвахаб Катали, еден од муџахединските команданти кој во тој период се борел против Советите.
Зборувајќи за неговото пријателство со Катали, Хакимов рече: „Тој беше нашиот непријател тогаш. Ние бевме негови непријатели, исто така. Ако го фатевме, ќе го погубевме. Ако падневме во неговите раце, можеби тој ќе нѐ погубеше нас.“
„Станавме пријатели откако преминав во ислам... Јас станав и негов вработен и негов син. Тој ме венча и ми даде куќа“, рече Хакимов.
‒ Не ѝ верува на Русија ‒
Шерефович Хакимов сѐ уште живее во куќата на неговиот пријател Катали во Херат, а во околината сега го знаат како Шејх Абдула.
Хакимов рече дека околу пет години откако бил заробен, негов пријател се вратил во Москва и бил затворен откако бил обвинет за „предавство“, па затоа тој „не ѝ верува“ на Русија и никогаш не помислил да се врати.
„Ако отидам во мојата татковина, ќе бидам уапсен. Зарем не е ова место подобро за мене? Не сум затворен тука. Тие велат: „Зошто се предаде? Ние не се предадовме. Бевме повредени и паднавме во рацете на муџахедините.“
‒ Му недостига семејството ‒
Хакимов рече дека неговите родители не се живи повеќе, додавајќи дека многу му недостигаат неговиот брат Александар и сестрата Мабуба, кои живеат во Москва.
Тој истакна дека неговата постара сестра Мабуба служела како советник во Советската армија за време на инвазијата на Авганистан, додека неговиот брат Александар бил пратеник во рускиот Парламент, Думата, два мандата.
За жал, Хакимов нема семејни фотографии, а кога му беше покажана фотографија од неговиот брат, се расплака.
„Луѓе сме. Невозможно е да не ми недостигаат. Руската политика е поинаква. Вистина е, тие велат дека ни простуваат. Но еден од нас се врати во Русија и беше уапсен. Тој избега оттаму и се врати назад во Авганистан. Ако Русите не го уапсеа него, сите ќе нѐ немаше“, додаде тој.
‒ Неговото име на листата на исчезнати советски војници ‒
Додека заедно со екипата на Агенција Анадолија беше во музејот за интервјуто, се дозна дека неговото име се наоѓа на листата исчезнати советски војници.
Тој рече дека неколку луѓе од листата, исто како него преминале во ислам, се населиле во Авганистан, но рече дека сега нема контакт со нив.
‒ Прифаќање на авганистанска култура ‒
Хакимов ја прифатил авганистанската култура, се облекува како Авганистанците и зборува персиски и пашту јазик како Авганистанците.
„Јас сум во Авганистан речиси 40 години. Јас сум Авганистанец сега. Имам авганистанско државјанство. Сега сум муслиман, не сум Русин. Не им припаѓам на Русите“, рече тој.
Искажувајќи ја својата љубов кон Авганистан и неговиот народ, Хакимов рече: „Јас сум од Авганистан... Ако Советите [Русите] го нападнат и окупираат Авганистан повторно, јас ќе ги нападнам нив со овој тенк од руско производство. Ќе ги нападнам со нивното сопствено оружје.“