Besar Ademi
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Советот на Град Скопје, денеска беа доделени наградите за најдобар полицаец, пожарникар и крводарител на територијата на Град Скопје за 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Наградите за најдобар полицаец, пожарникар и крводарител се доделуваат традиционално, секоја година, со цел да се промовира човечноста, храброста и посветеноста во извршувањето на должноста во овие три области.
Наградите беа доделени од страна на претседателот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој рече дека наградата е симболична сума од 10.000 денари и дека се наградени најхуманите и најхрабрите лица во овие три професии.
„Со оваа награда сакаме да ги поттикнеме другите да работат во овие професии, да бидат похумани, похрабри и попосветени во извршувањето на своите должности. Во исто време, ова е охрабрување за граѓаните на Скопје, затоа што сите ние некогаш ќе се најдеме во моменти кога треба да ја покажеме нашата хуманост, нашата храброст и посветеност“, рече Трајановски.
Оваа година наградата за најдобар полицаец му беше доделена на Марјан Димитриевски, за најдобар пожарникар на Звонко Стојановски, а пак за најдобар крводарител беше награден Љупчо Велковски.
„Оваа награда е голема чест за мене, а во исто време ме поттикнува да работам со повеќе посветеност во мојата професија“, рече добитникот на наградата најдобар пожарникар, Звонко Стојановски.
„Јас не чекам организирање на акциите, туку секоја недела давам крв по сопствена иницијатива“, истакна добитникот на наградата за најдобар крводарител, Љупчо Велковски.
Од друга страна, Марјан Димитриевски, награден како најдобар полицаец, рече дека оваа награда го охрабрува да ја врши својата должност на најпрофесионален начин.